Филмска драма се расплетува во скопско Кондово: Грабнување, “масерати“, уапсени – еве ги деталите!
Денеска (16.09) полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје извршија претреси на две локации во С. Кондово- Скопје и при тоа го лишија од слобода С. И. (34), осомничен за кривично дело „грабнување“ по чл. 141 од КЗ на РМ, извршено на 08.09.2020.
СВР Скопје – Единица за насилен криминал претходно поднесе кривична пријава против Р.А.(32), Ј.И.(36), Б.Џ.(27), С.И.(34) и Л.Р.(31), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „грабнување“, казниво по член 141 од Кривичниот законик. На 08.09.2020 околу 22.00 часот на автопатот Скопје-Тетово, на наплатната рампа кај с.Глумово, во организација на првопријавениот и петтопријавената, третопријавениот и четвртопријавениот со патничко возило му го пресекле патот на Б.М.(34) од Гостивар, кој бил со своето патничко возило „масерати“.
Им се приклучил и второпријавениот и сите заедно физички го нападнале Б.М., по што насилно го внеле во неговото возило и го однеле на автоплац во с.Кондово, сопственост на првопријавениот, каде повторно физички го нападнале. Прво, второ и третопријавениот, поради наводен долг од 20.000 евра, го присилиле оштетениот да влезе во возилото „бмв Х5“ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово, каде го присилиле да направи купопродажен договор за неговото возило „масерати“ да се префрли на име на првопријавениот.
После тоа, го однеле оштетениот на бензинска пумпа кај с.Желино. По пријавување на настанот, СВР Скопје презеде мерки и бил извршен претрес во домот на првопријавениот, при што со потврда било одземено возилото „бмв Х5“. Од слобода биле лишени второ и третопријавениот, а на разговор била повикана петтопријавената.
На 10.09.2020, по претходен распишан распис, сам се пријавил првопријавениот и со него бил извршен разговор, по што бил задржан за понатамошна постапка, а денеска е приведен и С.И..