Филипче заборави на ветувањето за професионално обезбедување на јавно – здравствените установи, здравствениот персонал секој ден на мета

Претепан лекар или медицинска сестра во клиника, секојдневна слика во македонското здравство. Неколку дена по ред јавноста е сведок на немилите настани што се случуваат во јавно – здравствените установи.

Изминатите денови во Клиниката за Токсикологија бил физички нападнат дежурниот лекар, кој со повреди на главата бил пренесен во Ургентниот Центар. Според директорот на Клиниката за токсикологија, Нагип Зумбери, причината за нападот била банална. Напаѓачот дошол со своето малолетно дете на Клиниката и кога дежурниот лекар само му кажал дека треба да го однесе детето на Педијатрија каде што исто така има токсиколог, тој почнал да го удира. Лекарот потоа е однесен на Ургентниот центар каде што се утврдени повреди – расекотини на главата и површен хематом, по што е пуштен дома.

Според изјава директорот на струмичката болница, д-р Наќе Гогов вчера попладнево на детското одделение при струмичката болница починало деветмесечно бебе од село Банско, а со правовремена интервенција на полицијата е спречен инцидент, откако еден од роднините на детето бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта на детето.

Пред неколку години се случи и претепување на здравствени работници во „Козле“, „Карил“, но и на клиниката за Токсикологија во склоп на Клиничкиот центар во Скопје.

Новинарот Зоран Божиновски пред две години откри физичко насилство против вработена во Детската болница „Козле“ од страна на менаџер. Како резултат на насилството и психичкиот притисок вработената медицинска сестра сега е згрижена во Психијатриската болница Бардовци, тврди новинарот. ,,… менаџерот научил поголема група верници за време на ифтар да вечераат овде кај нас во детската болница КОЗЛЕ, иако тие луѓе немаат никаква допирна точка со болницата. Медицинската сестра критичната вечер била на смена и не ги пуштала да влезат да вечераат, па некој му јавил на менаџерот. Тој дошол бесен од дома и од врата ја фатил за коса и почнал да ја влече, немало кој да го спречи оти во болницата нема обезбедување. Има чувари ама скриени со по оддели, ноќе преспиваат повеќе одошто чуваат. Менаџерот ја одвлекол сестрата до сестринската соба, ја заклучил и ја тепал. Никој не и помогнал од присутните, само го слушале неговото викање и пцуење и нејзиното врискање. На смена таа ноќ со неа била колешка чиј сопруг е полицаец во ПС Карпош, го повикала. Кога дошол и насилно ја отворил сестринската соба Милица била модра од ќотек, собата демолирана, телевизорот искршен на парампарче…”, пренесува Божиновски допис од вработен во болницата кој објаснува што се случило на критичната вечер пред неколку години.

ПРАЗНО ВЕТУВАЊЕ НА ФИЛИПЧЕ

Јавно-здравствените установи ќе добијат професионално обезбедување, ова било договорено пред 2-3 години на координативна средба на министрите за здравство и внатрешни работи со претставници на Лекарската комора, Здружението на лекари специјализанти и на Комората на медицински сестри. Средбата доаѓа по неколкуте инциденти во кои физички беа нападнати лекари и медицински сестри во неколку здравствени установи низ земјава.„Најостро ги осудувам нападите врз здравствените работници и соработници. Ова се напади кои немаат никаква логика. Станува збор за здравствени работници и соработници кои пожртвувано се борат за животите на најблиските на тие што ги напаѓаат. Предвидени се сериозни казни за ваквите дела. Предвидени се и затворски казни во зависност од тежината на делото коешто ќе го направат при нападот. Од Министерството за внатрешни работи ќе направат мобилни патроли кои ќе патролираат околу старата градска болница, а ние со обезбедување на соодветен систем трајно ќе го решиме овој проблем“, изјави министерот Венко Филипче на 13 септември 2019 година.

Од тогашната изјава министерот веќе не го покренува прашањето за професионално обезбедување на јавно – здравствени установи, иако имаше шпекулации по одредени медиуми, дека нема да најми бидејќи била скапа инвестиција.

Според информациите кои излегоа пред две години на порталот локално.мк, на Филипче не му се давале пари за ангажирање на агенција за обезбедување на Клиничкиот центар, па разговарал со Радмила Шекеринска од ресорот за одбрана за можноста припадници на АРМ да патролираат околу болниците. Ова според информациите на локално.мк една од варијантите за тоа кој да се грижи за безбедноста на здравствените работници и пациентите во ургентните центри. Министерот за здравство тогаш најавил дека за неколку денови ќе се знае дали пред влезот на „Карил“, Ургентен, Детска, Хематологија и Токсикологија ќе стојат припадници од одбрана или, пак, од МВР. Филипче покрај помошта што ја побара од министерот Спасовски уште по инцидентот на Клиниката за анестезија и реанимација, разговарал и со Радмила Шекеринска. Министерот сака да најдат лица кои се плаќаат од буџетот, бидејќи проценките им покажале дека ангажирањето на агенција за обезбедување ќе ги чини прескапо.

По тие информации кои излегоа по медиумите од пред неколку години, се заташка прашањето за професионално обезбедување на јавно – здравствени установи. Од тогаш веќе не се покрена иако секојдневно по медиуми излегуваат информации за претепување на здравствени лица, очигледно Филипче сега за сега не гледа итност да ја реализира ветената мерка.