Утврдени протоколите – Во училница максимум по 20 ученици, настава на отворено ако дозволуваат условите
Министерот за здравство на прес-конференција ги соопшти протоколите според кои ќе се одвива наставата во училиштата. Тој нагласи дека е многу важно да се почитуваат мерките за заштита и дека родителите треба да разговараат со своите деца и да им ја нагласат важноста на истите.
Филипче рече дека на влезот во училиштето ќе им биде мерена температура на учениците и дека оние кои ќе имаат покачена телесна температура нема да им биде дозволено да влезат.
Учениците од прво до трето одделение ќе можат да присуствуваат на наставата единствено ако немаат покачена телесна температура.
-На сите ученици и вработени при влез во училиштето ќе им се мери температура. На оние со покачена температура нема да им биде дозволен влез, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, на која ги презентираше протоколите за основните и средните училишта.
Ќе има распоред за влез различен за секое одделение, за учениците од различни одделенија да не се сретнуваат.
-Вработените во училиштата ќе мораат да носат маска и да ја одржуваат препорачаната дистанца. Забрането е поздравување со физички контакт. Најмногу 20 ученици со растојание од еден и пол метар меѓу децата. Доколку има услови за настава на отворено, може да не се носат маските, рече Филипче.
Родителите нема да смеат да влегуваат во училиштата, освен за децата со попреченост на кои им е потребна асистенција.
Пред да се влезе во организиран превоз, на децата ќе им се мери температурата, а оние со покачена ќе бидат враќани дома.
-Првиот училиштен ден ќе биде посветен на запознавање на учениците со препораките за спечување на ширењето на коронавирусот, а во училиштата ќе има задолжени вработени кои ќе го одржуваат редот кога учениците ќе го користат тоалетот, најави Филипче.
Забрането ќе биде влегување на други лица, додека се децата во училниците.
Според Филипче, препораката што ја даде Комисијата за заразни болести е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата.
Филипче истакна дека интензивно работеле и ги разгледувале искуствата од другите земји каде наставата веќе е започната, а некаде и прекината брзо по почетокот на учебната година.