ТРОГАТЕЛНА ИСПОВЕД НА ТАТКОТО НА ГОЦЕ – Сторителот е моќник, но јас уште верувам дека ќе биде поништена оваа скандалозна одлука
Зоран Димитриевски, татко на починатиот пред две години, Гоце Димитриевски кој беше удрен од џип, а сторителот доби само условна казна, за телевизија Сител изјави дека верува дека оваа, како што ја нарече скандалозна судска одлука, ќе биде поништена, а тој нема намера правдата да ја земе во свои раце.
„Верував од првиот ден дека институциите ќе ја донесат правдата. На сите социјални мрежи има неубави коментари, кои велат, да си ја земеш правдата во свои раце. Јас ако сакав да ја земам правдата во свои раце, немаше да чекам правдата да ја земе државата. Јас се уште чекам дека ќе се поништи оваа скандалозна одлука, и дека ќе има правда“, вели Димитриевски.
Нему целиот случај му бил сомнителен уште од самиот почеток. Тие цели две години го чекале стартот на судењето, кое почна во средата, а заврши вчера, по само едно рочиште на кое обвинетиот ја призна вината.
„Само по два дена е донесена пресудата на која инсистирав да присуствувам. Надвор во ходникот бев известен да не изреагирам во судницата каква и да е пресудата. А лицето од првиот ден е слободно и си ужива. Вчера не ни беше во судницата да ја слушне пресудата, беа само претставници од неговите бранители. Ниту некој од Обвинителството беше да ја слушне пресудата. Човекот не го познавам, знам дека е моќен, моќник е и си ја наредил работата. Како ја наредил, тоа треба некој друг да го види“, вели Зоран Димитриевски.