Студентите извисени, ништо од владиниот повик за студентски легла
Студентите извисени и изманипулирани, никаде го нема владиниот повик за легла во студенските домови. На самиот почеток на новата академска година, Министерството за образование и наука нема објавено список на примени студенти по домовите. Според најавите на Владата, конкурсот со требаше да биде објавен пред три недели.
Стотици студенти се во неизвесност и стрес поради можноста на отсуство од наставата, затоа што веќе утре треба да почнат со следење настава, а тие немаат обезбедено смештај. Не знаат кој од нив нема да биде примен во студентски, за чарето да си го бараaт кој како знае и умее.
Инаку, конкурсот за пријавување за легла во студентските домови, МОН го објави уште на 27 јули, но иако до сега поминаа цели два месеци, ресорното министерство не успеа да ги процесуира и навремено да ги објави резултатите. На некои студенти навистина им е потребно и зависат од леглата во студентски домови за да можат навремено и без проблеми да ја следат наставата по факултетите, а секоја друга опција, како на пример изнајмување стан, им е премногу скапо и нивните родители не се во можност да им го обезбедат.
Според новите протоколи за работа на студентските и ученичките домови, кои Владата ги донесе за заштита и спречување на ширење на корона вирусот, предвидено е редуцирање на капацитетите. Односно, во двокреветна соба ќе биде сместен само еден студент или ученик, а во собите со три или повеќе кревети ќе бидат сместени само по двајца.
Не само што бројот на прием на студенти во студетски домови ќе биде намален, туку и за тие што евентуално би добиле легло сеуште нема објавен список. МОН и Владата немаат конкретени одлуки и насоки за многу прашања кои што ги мачат професорите, студентите и нивните родители.
Од министерството, пред околу две недели соопштија дека, за оние студенти кои поради редуцираниот капацитет во домовите, нема да добијат место Владата ќе им исплаќа месечна сума на парични средства за покривање на трошоците за приватно сместување. За да се оствари оваа помош, студентите треба да се пријават на интертнет платформа, која еве на почеток на учебната и академската година е суште неактивна.
Студентите со право се нервозни и револтирани, затоа што ако се земе во предвид досегашната динамика на работа на надлежното министерство, реално е да се очекува дека стотици студенти можеби ќе ги пропуштат првите два месеци од академската година.