СЕ СЛАВАТ 1.000 ГОДИНИ – Бигорски манастир го одбележува патронот- сите посетители се добредојдени
Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.
Вечерва, во предвечерието на празникот, од 18:30 часот ќе биде отслужена свечена архијерејска Вечерна богослужба и Молебен канон во чест на Чудотворната икона на Св. Јован.
Утре, на денот на патронот, во 7:00 часот почнува утрената богослужба, во 8:45 часот е пречекот на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј и на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Светата архиерејска Златоустова литургија почнува во 9:00 часот.
Бигорската обител упати покана за достоинствено и со почит одбележување на патронот, како и строго почитување на мерките за заштита од COVID-19.
Се замолуват сите поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита и превенција од коронавирусот, односно задолжително да носат заштитна маска, да користат средство за дезинфекција и да го запазуваат потребното физичко растојание.
– Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите претци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!, стои во поканата од бигорската обител.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и годинава го одблежува големот јубилеј 1000 годи од основањето.
Вгнезден во пазувите на Бистра, покрај жуборот на Радика, низ вековите минал низ многу премрежија и голготи, но опстоил за да говори за постоењето на правславието на овие простори.