Русија нема намера да се меша во внатрешните работи на Црна Гора, што го очекува и од оние „кои се грижат за стабилноста на Балканот“, соопшти руското Министерство за надворешни работи, коментирајќи ги парламентарните избори во оваа земја, што се оддржаа на 30 август.
“Со жалење констатираме дека дури и во сегашната клучна фаза, кога локалните партии и коалиции треба да ја утврдат идната конфигурација на законодавната и извршната власт, повторно заживеаја шпекулациите за надворешно влијание врз внатрешните политички случувања во Црна Гора, вклучително и на Русија. Не исклучуваме провокации”, се наведува во соопштението на руското МНР.
Во соопштението се додава дека Русија внимателно го следи текот на изборниот процес.
„Се надеваме дека завршувањето на изборната кампања ќе помине во мирна атмосфера, без конфликти, зголемени тензии и какви било фобии и дека новиот Парламент и Влада на Црна Гора ќе формулираат приоритети што одговараат на интересите на нивниот народ“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. (МИА)