Пожарникарите на град Скопје со тужби си ги бараат заработените плати- се закануваат и со протести!
Синдикатот на пожарникари на Град Скопје ги повикува институциите да се огласат на нивните барања и нагласуваат дека ќе бидат приморани да излезат на протест, објавува 360 степени.
Наместо државата да фрла пари за судски трошоци, да ни ги исплати заработените плати, бараат од Синдикатот на пожарникари на Град Скопје.
Оттаму посочуваат дека со исплата на нивното покачување на платите на нивото предвидено со закон и потврдено од суд, Градот ќе заштеди на судски трошоци, а пожарникарите во просек би добивале 25-26 илјади денари, наместо досегашните 20 илјади денари.
Од Синдикатот потенцираат дека судот пресудува во нивна полза бидејќи земаат плата за 10 отсто помала од таа што требало да ја добијат.
„Со тоа пожарникарите ги добиваат своите пари, но Градот покрај овие пари исплаќа и камати, трошоци за судот и за адвокати, а понекогаш и за извршители. Секако, ние остануваме оштетени за некоја сума пари поради тоа што овие пари не ни се пресметуваат во просекот за пензионирање“, се вели во нивното соопштение.
Бидејќи најавуваат нови тужби за период од последниве три години, од Синдикатот ги повикуваат институциите да се ангажираат и да најдат решение за проблемот зашто, како што велат, на овој начин се трошат повеќе пари од државната каса.
„Од вештачењето на стручните лица во судската постапка се гледа дека наместо сегашните 90-ина милиони денари потрошени за отштета за три години за скопските пожарникари покачувањето на платите онака како што налага судот при што секој од нас во просек наместо сегашните 20 000 ќе добива 25-26 000 денари со што би го достигнале републичкиот просек би го чинело Градот дупло помалку. Напоменуваме дека трошоците се далеку поголеми кога би се пресметало за сите противпожарни единици низ државата“, се вели во реакцијата од Синдикатот на пожарникари на Град Скопје.
Синдикатот на пожарникари на Град Скопје ги повикува институциите да се огласат на нивните барања и нагласуваат дека ќе бидат приморани да излезат на протест.