„Онлајн“ настава на наш начин – во Матејче 4 компјутери за сите 500 ученици!

Со учење од далечина нема да започнат сите училишта и наставници. Поради лошата економска состојба, многу семејства нема да можат да обезбедат компјутер, лаптоп или смарт телефон за своите деца. Наставниците исто така ќе се соочат со проблем. Во основното училиште „Култура“ во селото Матејче, општина Липково над 70% од наставниците и учениците ќе останат надвор од националната платформа.

„Новата учебна година во нашето училиште почнува со недостиг на компјутерска опрема, слаб интернет сигнал, исто така треба да се споменат и некои тешкотии поврзани со употребата на националната онлајн платформа. Имаме недостаток на компјутерска опрема за наставниците. Над 70% од нив немаат компјутери во училницата за да спроведат настава преку Интернет. И повеќето ученици немаат, особено тоа е случај кај учениците од социјални случаи“, изјави Фисник Арифи, ООУ „Култура“ Матејче.

Според Арифи, во ова училиште има над 500 ученици, а голем број од нивните семејства се во лоша економска состојба.

„Ние како училиште, почнувајќи од директорот, наставниците и учениците имаме барање до Министерството за образование и наука, наставниците и учениците да бидат снабдени со лаптоп компјутери или таблети што ќе ни помогнат да го спроведеме учењето преку Интернет, во спротивно ќе имаме многу тешкотии“, рече Фисник Арифи, ООУ „Култура“ Матејче.

Министерството за образование објави дека на 1 октомври, новата учебна година со учење „онлајн“ нема да почне за 40 илјади деца. Тие лекциите ќе ги следат на телевизија, а ќе добијат материјали и дома. Според Министерството за образование, немало време за да се најде друг начин за овие деца.