Од руски тајкун до бизнис со Заев и Рашкоски, кој е Дака?
Далеку од очите на пошироката јавност на 31 август оваа година само еден ден по формирањето на старо- новата Влада на СДСМ и ДУИ во Советот на Општина Тетово каде мнозинство имаат исто така СДСМ и ДУИ се изгласа детален урбанистички план кој во себе носи криминал, корупција како и сериозен регионален контроверзен контекст, обелодени денес Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со ДУПот целосно се нарушува балансот и урбаното живеење во градот. Со овој ДУП се предвидува градба од 230 000 метри квадрати од кои станови дури 140 000 метри квадратни, а околу 80 000 метри квадратни деловни објекти. Поедноставено ова значи околу 2 000 нови станови во Тетово со некаде околу 8 000 нови жители, како и деловни објекти кои дополнително ќе го оптоварат градот. План за кој нема никакви нити урбанистички нити сообраќајни услови а најмалку хумани услови за живот. План во кој потенцијалната заработка на инвеститорот надминува незамисливи 200 милиони евра!
Тука доаѓаме до клучното прашање- кој е сопственик на земјиштето и за кого СДСМ и ДУИ го спремаат овој профитабилен бизнис? Сопственик на објектите на поранешен ШИК Јелак како и земјиштето на кое ќе се гради е контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ. На македонската јавност познат од разговорите кои се објавија пред парламентарните избори во кои јасно се слуша дека дал 300 000 евра со цел да му се завршат работите, а дополнително ветува 2 000 метри квадратни земјиште и 2 милиони евра доколку се дозаврши работата поврзана со ШИК Јелак Тетово.
На македонската јавност и беше исто така презентирано дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ на најмалку три седници одржани на 25.12.2018, на 15.01.2019 и на 07.02.2019 дала согласност да се понуди остатокот од ШИК Јелак на Дака Давидовиќ кој веќе поседувал дел од ШИК Јелак искористувајќи празнини во законот. Со тоа контроверзниот Миодраг Дака Давидовиќ има право да го откупи по почетна ниска цена целокупното земјиште на ШИК Јелак и на него со новиот ДУП да изгради објекти од кои ќе заработи незамисливи 200 милиони евра. Дека ништо не е случајно се слушна и во разговорите од кои се дозна дека Давидовиќ е во постојана комуникација со Драги Рашковски- генералниот секретар на Владата, а има средби и со Зоран Заев“- посочи денес тој.
Миодраг Дака Давидовиќ е веќе познат за македонската јавност.
КУРИР веќе пишуваше за скандалите поврзани со името на Дака, како и за неговата соработка со високи функционери во македонската Влада.
Српски тајкун со руски врски: Кој е Давидовиќ Дака со кој прават деловни планови Заев и Рашковски (27.06.2020)
„Аудио-бомба“ која се појави на јутјуб каналот „Раце Лепливи“, открива фрапантни сознанија и сомневања за криминал од меѓународни рамки во кој појавува името на контраверзниот српски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговиот соработник и пријател Драги Рашковски, кого го именуваше за генерален секретар на владата
Снимката е дел од разговор меѓу Миодраг Давидовиќ Дака и Зоран Милески Кичеец, инаку осуден во корупцискиот скандал „Рекет“, кој кажува дека е пратен директно од Зоран Заев.
Потоа Милески го потсетува Дака дека му дал ветување на генералниот секретар на Владата и близок соработник на Заев, Рашкоски дека е тука ако треба да заврши работа за референдумот за името.
Очигледно Давидовиќ Дака е незадоволен бидејќи се чувствува изигран за парите кои ги дал од Зоран Заев и Рашкоски бидејќи не го добил тоа што сака иако платил пари.
Од разговорот се дознава дека Заев парите примени од Давидовиќ ги користел за инженеринг на референдумот за промена на името „Не сакам да одам кај Заев за да платам повторно, за тој да го плати референдумот“, вели Дака.
За Миодраг Давидовиќ Дака медиумите во регионот пишуваат дека е личност со контроверзна улога, во прв ред во политичките случување во Црна Гора и Србија, а постојат сомневања дека е експонент на одредени руски кругови под контрола на тајните служби.
Давидовиќ 12 години бил финансиски раководител на железараницатат „Борис Кидрич“ кај црногорскиот град Никшиќ. Потоа во деведесетите години од минатиот век бил началник на Центарот за безбедност во Никшиќ и министер во Владата на Слободна (Српска) автономна област Херцеговина, во периодот на војната во Босна и Херцеговина.
По завршувањето на војната почнал да се занимава со бизнис. Го основал претпријатието „НЕКСАн“ во 1992 година кое се занимавало со трговија со нафта и алкохолни производи, а во два наврата тој и неговата компанија ја контролирале никшиќката железарница. Имал обид да влезе и во политиката и бил кандидат за градоначалник на Никшиќ.
Во декември 2019 година имало обид за атентат врз ного хотелот „Краун Плаза“ во Белград, кај што неколку години наназад тој живее, а пред десет години бил и тешко повреден во физички напад со метални шипки.
Во одредени медиуми се споменува како финансиер на Демократскиот фронт во Црна Гора, чии лидери беа обвинети и судени за наводниот обид за пуч во земјата зад кој стоело руското воено разузнавање. Беше посочуван како добавувач на оружје на групата која на 16.10.2016 година планирала терористички напади на денот на парламентарните избори во Црна Гора. Најавувал и дека на престојните претседателски избори сака да се кандидира за претседател на Црна Гора.
Давидовиќ била апсен уште во 1997 година за наводни малверзации со Тутунскиот комбинат. Во 2009 година во медиумите се споменува како вмешан во фиктивен извоз на нафта кон Косово, но тие обвинувања обвинителството никогаш не ги потврдило.
Во гореспоменатото обвинение за малверзации со Тутунскиот комбинат, ја оштетил државната каса за 10,5 милиони тогашни германски марки. До судење не дошло затоа што тогашниот претседател на Црна Гора, Момир Булатовиќ, го аболирал (слично како и Зоран Заев во 2008 година во случајот „Глобал“ од страна на тогашниот сопартиец и шеф на државата Бранко Црвенковски), бидејќи постоела опасност тој преку ваквиот притисок и компромитација да биде искористен како главен сведок во случајот за наводен шверц на тогашниот министер за внатрешни работи Филип Вујановиќ и директорот на државна безбедност Вукашин Мараш.
Компанија на Давидовиќ сега е посветена на градежништвото и гради згради во Будва, Котор, Никшиќ и Подгорица. Две илјади квадратни метри се споменуваат и во неговиот разговор со Кичеец.
„Ги знам тие ваши трикови. Јас вас ви дадов 300.000 евра и 2.000 квадрати, работата не е завршена, што сакате уште. Јас тебе (мисли на Кичеец) те исплатив и со тебе немам ништо“. На што Милески одговара дека има работа сега со Рашкоски.
Медиумите во регионот пишуваат дека Давидовиќ бил кум на првиот претседател на Црна Гора Момир Булатовиќ ( во деведесетите) и бил во сериозен конфликт со Мило Ѓукановиќ