Мицевски: Гоце Делчев е апостол и идеолог на современа македонска држава

Вечерва во емисијата „Топ тема“ гостуваше Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“. При своето гостување посочи дека доколку не се седне да се разговара за црвените линии на македонска страна Македонија ќе има голем проблем со Бугарија.

„Иницијативата официјално се уште не е поднесена, меѓутоа тоа е едно од првите работи кои што ќе се случат веќе во текот на утрешниот ден. Ова е тоа за што зборувавме уште во моментов на потпишување на договорот за добрососедство. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ едноставни бараше да не се брза, да се стави црвена линија под која што македонското прашање нема да се доведе во опасност. И потпишување на договорот ќе биде усогласено и од власта и од опозицијата за да не дојдеме во ситуација во која што сега се наоѓаме“, истакна Мицевски.

Мицевски додаде дека власта убедуваше дека со договорот за добрососедство се решени сите проблеми, дека се надминуваат проблемите, но Зоран Заев со една цел да се прикаже дека ги решава регионално проблемите го потпиша договорот не мислејќи на последиците со кои што сега се соочуваме како држава.

„Еве, година две, слушаме дека договорот го бетонирал македонскиот јазик, договорот го бетонирал идентитетот на Македонецот, меѓутоа сведоци сме на последниот меморандум кој што е испратен сега од страна на Бугарија, додека во ЕУ траат дискусиите за преговарачката рамка за која што мора сите членки да постигнат договор. И тоа не е спорно, тоа е очекувано од бугарска страна. Кој и зошто беше мотивот да ваков договор се потпише набрзина без притоа да се земат сите ризици во него. Пред да се размисли дека за Бугарија македонскиот јазик е една регионална норма на бугарскиот јазик, а бевме убедувани дека македонскиот јазик е бетониран, бевме убедувани дека нема да има проблеми, бевме убедувани дека се ќе тече гладко и од македонска и бугарска страна. Еве, гледаме дека на првата препрека удараме во еден кинески ѕид, кој што мислам дека во моментов доколку не се размисли трензвено или рационално, доколку не се седне да се разговара за црвените линии на македонска страна ќе имаме голем проблем“, нагласи Мицевски.

Мицевски рече дека доколку ова не се среди ќе имаме уште една епизода каде што ќе гледаме како Заев тргува со македонскиот идентитет. Гоце Делчев е апостол и идеолог на современа македонска држава.