Македонија со највисока смртност од корона во регионот
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот до денес се регистрирани 710 смртни случаи. Македонија е на врвот по бројот починати лица споредено со соседните земји. Министерот Венко Филипче изјави дека во тек се анализите за смртноста на пациентите кои треба да бидат готови за една недела.
Просечната возраст на починати од коронавирус во земјата изнесува 67 години, според пресметките на РСЕ. Во бројката не спаѓаат околу дваесетина лица за кои Министерството за здравство не ја соопштило точната возраст. Од почетокот на падемијата досега вкупната бројка на смртни случаи изнесува 710 лица. Во просек од 22 март кога беше забележан првиот смртен случај до денес на дневно ниво има по 4 починати лица.
Првиот починат пациент беше 57 годишна жена од Куманово, а најмладата жртва е бебе кое на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија. Бебето кое почина на 30 мај, претходно беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на ковид-19. Најголем број на починати од почетокот на пандемијата, имаше во јули кога беше забележана и најголема бројка на починати во еден ден. На 2 јули беа регистрирани рекордни 15 смртни случаи како резултат на коронавирус.
Во јуни нема ниту еден ден без смртен случај. Во јули смртни случаи има на 22 и 27 , а во Август на 15 и 23, како и на 4 септември. Најмногу смртни случаи има во Скопје, па во Тетово и Куманово.
За прв пат овој месец има и највисока бројка на починати млади лица, односно на двајца пациенти на 23 годишна возраст и еден на 29 години. Во август пак едно лице на 27 годишна возраст ја загуби битката со вирусот, а и во април беа забележани два смртни случаи на лица помлади од триесет години, односно еден пациент на 25 и еден на 27 годишна возраст.
Министерот за здравство Венко Филипче на последна прес-конференција во однос на смртноста изјави дека се работи на интерни анализи на сите клиники и болници каде што се лекуваат пацинетите заразени со ковид-19.
-Се анализираат податоци како возраст, хронични болести, претходни состојби, времиња на доаѓање во болница, а терапевтскиот протокол е насекаде ист и идентичен и тоа е нешто што често го дискутираме со директорите на клиниките и инфектолозите кои ги лекуваат овие пациенти. Веднаш кога ќе бидат готови овие анализи ќе ги презентираме на јавноста, рече Филипче.
Институтот за јавно здравје соопшти дека изминатата недела се регистрирани 48 смртни случаи од ковид-19 од 17 града во земјава, што е зголемување од 77,7 отсто во однос на неделата претходно кога починале 27 лица. Споредено со првата недела од септември кога починале 20 лица, како што соопшти институтот зголемувањето е 140 отсто.
Во однос на возраста кај починатите изминатата недела, 32 лица биле над 60 години, 8 на возраст од 50 до 59, 4 од 40 до 49 години, 3 од 20 до 29 и еден случај од 30 до 39 години. Од починатите, 42 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица.
Анализите според Филипче би требало да бидат завршени за околу една недела, а во нив ќе влезе и анализата за возраста на пациентите.
-Ние видовме многу комплексни и тешки форми на болеста. Форми кои никако не можевме да ги поврземе со ниту една претходна или актуелна фаза во којашто се наоѓа пациентот. Едноставно вирусот е многу непредвидлив. Не постои ниту еден фактор којшто може да им укаже на оние кои ги лекуваат овие пациенти во која форма и насока ќе се развива болеста. Тоа може да се види кога ќе тргне во некоја насока. Дали ќе биде лесна, средна или една од најтешките форми, меѓутоа нема ниту еден фактор кој може да влијае на предвидливоста. Сепак, овој вирус е нешто што никој не се соочил претходно. Не само кај нас, туку никаде во светот и верувам дека многу ќе научиме и од клиничките истражувања во однос на вирусот и карактеристиките кои ги има така што ќе ги почекаме анализите и верувам дека ќе бидеме спремни да извлечеме заклучови од тоа додаде Филипче.
Смртноста од Ковид 19 во регионот
Во споредба со земјите од соседството повисоко на листата на смртни случаи од Македонија се Бугарија со 767, потоа БиХ со 763 и Србија со 743 случаи. Но, сите три земји имаат далеку повеќе жители. Што значи дека Македонија е на прво место во соседството по негативниот биланс.
Ако се направи споредба меѓу бројката на заболени и починати повторно Македонија се наоѓа на врвот на листата. До 23 септември се регистрирани 17.049 заболени, а од нив речиси 4,2 отсто го загубиле животот. За нијанса пониска е бројката во Бугарија од 4 проценти за разлика од БиХ, каде изнесува 2,9 отсто, а во Србија пак 2,2 отсто.
Во другите соседни земји има далеку помалку починати лица. На пример Грција досега има забележано 352 смртни случаи, Албанија 367 и Црна Гора 146. Косово пак е веднаш зад Северна Македонија по бројката на смртност, односно 605 лица го загубиле животот од коронавирусот или 3,9 проценти од заболените.
Кои се причините за високата смртност во Македонија?
Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Александар Јованов изјави дека високата бројка на смртност е од две причини, едната е здравствениот систем, а другата начинот на пријавување.
-Со тешките случаи најдобро се справи здравствениот систем на Германија, со тоа што уште од времето Германија има по глава на жител најголем број на интензивна нега, комплетно опремена со сè што треба. Ние не сме тој тип на држава со такво јако здравство. Другиот момент е што ние уште од почетокот значи сè што почина и во болница и надвор од болница и постмортем им земавме брисови и не сме промашиле ништо, затоа што мислевме дека во семејства каде што ќе почине некој и ако се земе брис и излезе дека е позитивен дека треба да се внимава на контактите, да се изолираат. Знам земји каде луѓе починати надвор од болница не беа воопшто ставени во таа статистика. Можам да ви гарантирам дека од почеток на епидемијата сè е транспарентно, сè е кажано до детаљ, што не сум сигурен дека е така и во другите земји, изјави Стојанов.
Најголема бројка на заболени во државата на дневно ниво, односно 287 е регистрирана на 23 август. Во последните 24 часа се направени 1.769 тестирања, а регистрирани се 183 нови случаи со Ковид-19. Починати се пет пациенти од кои по еден од Скопје, Дебар, Крива Паланка, Радовиш и Кочани, а оздравени се 102 пациенти.
Со ова вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 17.049, бројката на оздравени пациенти е 14.186, на починати е 710, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.153.