ЕУ знае дека си има работа со Заев, Македонија добива нова блокада на патот кон ЕУ
Датумот за преговори со Европската унија се уште останува неостварен сон за македонските граѓани, откако Македонија се соочува со нов услов и нова блокада од страна на Бугарија. Владата на Зоран Заев доживува уште еден неуспех во добивањето на датумот кој повеќе од две години никако да се симне од авионот во кој се сликаа владините претставници во јуни 2018 година.
Македонската јавност, наместо од власта од медиумите вчера дозна за новиот услов од страна на Бугарија, односно Бугарија бара специјално поглавје во потпишаниот Договор за пријателство.
Како што беше објавено од страна на медиумите, од Македонија се бара ги прифати бугарските позиции кои се однесуваат на историјата, учебниците, Гоце Делчев и други револуционери, како и да се откаже од нарекувањето на бугарската војска од Втората светска војна како фашистичка.
Потврдата за сето ова пристигна од дописникот на Eуроњуз од Албанија Ернест Бунгури кој за македонските граѓани откри дека Бугарија го бара ова специјално поглавје и документ кој треба да го потпишат македонските власти.
И ова не е единствениот услов од страна на Бугарија. Пред само една недела бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов се закани дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија доколку не се постигне согласност за историските прашања, додека слична закана упати и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој изјави дека во ЕУ ќе влеземе откако ќе се решат прашањата со Бугарија, односно откако македонската страна ќе прифати дека илинденскиот период и припаѓа на Бугарија и дека современиот македонски идентитет лежи на бугарската национална историја.
Дека Бугарија е сериозна во овие услови, и не се тоа само празни закани, говори фактот дека Советот на ЕУ годинава ја усвои Изјавата на бугарската делегација со која се бара од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, именувањето на народот како македонски, од македoнскиот јазик, односно да користи само т.н. „службен јазик“ и завршување на историските прашања во рамки на заедничката комисија. Документ за кој македонската јавност дозна од медиумите откако истиот беше објавен на интернет страницата на австрискиот Парламент, а за кој владата на СДСМ криеше.
Зошто сите овие работи поминуваат кај ЕУ, одговорот е едноставен. Европската унија има интерес да се решат меѓудржавните проблеми како што ќе се договорат државите, а откажувањата од националните прашања и немањето на црвени линии во тие преговори се резултат неуспешноста во дипломатијата на оваа владина гарнитура.
Друго што бара ЕУ се реформи, стабилна економија, низок степен на корупција и борба против криминалот. Токму тоа оваа влада не може да го испорача. Три години се повторува дека назадуваме со реформите, три години добиваме предупредувања од официјалните претставници на ЕУ, додека во исто време владата вели дека „блескаме“. Бројните афери поврзани за криминал со Заев и власта одекнаа во цела Европа, додека 106-тото место на Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси само ги потврдува тие сомнежи за криминал и покажува дека оваа власт нема капацитет да се справи со сопствената корупција.
Дека европските претставници ги знаат сите овие работи кои не може да се сокријат потврдува и изјавата на се уште актуелниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Семјуел Жбогар кој во неговата проштална порака не предупреди дека треба сопствената куќа да си ја доведеме во ред.
– Европската интеграција не е процес што е изолиран или што опстојува сам за себе. Се што сакаме да направиме, се што очекуваме е „сопствената куќа да си ја доведете во ред“. Тоа значи дека ќе обезбедите подобар живот за граѓаните, дека младите нема да бидат принудени да ја напуштаат земјата, дека се почитува владеењето на правото, дека се заштитува животната средина, дека се заштитуваат правата на граѓаните од ранливите категории…, се вели во пораката на Жбогар.
Но тој само ги потврди пораките на францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние кој после недобивањето на датум рече дека Македонија имаше нереални очекувања за датум, освен реформи на хартија, треба напредок и во пракса.
Повеќе од јасно е дека Македонија нема да го добие долгопосакуваниот датум, барем не додека СДСМ и Заев ја предводат државата. ЕУ е свесна дека тие немаат капацитет да го испорачаат барањата за „средување на сопствениот двор“, односно ги гледаат дека пред нив се наоѓа власт која не ги исполнува реформите и е заглавена во скандали и корупција.