Еве кој е опфатен во 4-от пакет на економски мерки
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на заменик-претседателите и министрите од економските ресори, одржа прес-конференција на која беше презентиран четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, усвоен на денешната седница на Владата.
Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, почитувани министри во Владата,
На денешната седница на Владата, која штотуку заврши, го затворивме четвртиот пакет економски мерки и на оваа прес-конференција ги презентираме пред јавноста и граѓаните.
Уште со појавата на КОВИД-19 во Северна Македонија, освен здравствената стратегијата за справување со вирусот, владата многу брзо ги донесе и спроведе првите три пакет мерки кои беа соодветен одговор на првите бранови од економските штети предизвикани од коронавирусот.
Тоа беа навремени и сериозни мерки за спас на работните места. Беа сеопфатни и водени од принципот никој да не биде изоставен.
Така, точно димензионирани, ги запреа првите удари кои се закануваа да бидат катастрофални.
Да потсетам само накусо на некои од ефектите од претходните три мерки:
Стотици илјади работни места се спасени и обезбедена е помош за десетици илјади компании.
Само преку мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени граѓани и околу 20.000 компании.
Финансиска поддршка добија и близу 6.000 самостојни вршители на дејности.
Со бескаматната кредитна линија КОВИД-1, преку Развојната банка, во стопанството се вложени финансиски средства од 5 милиони евра кои се доделени на 737 компании, со над 6.509 лица и тоа од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници, кои беа први на ударот на кризата.
Со кредитната линија КОВИД-2 во износ од 8 милиони евра, беа помогнати 639 домашни компании во кои работат 11.325 лица.
26,8 милиони евра завршија кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „купувам домашно“ чија цел е истовремено да го поддржи домашното производство и да ја зајакне куповната моќ на граѓаните.
Од нив 16,5 милиони евра беа наменети за 113.000 невработени граѓани и за приматели на социјална помош, 5,4 милиони евра за 111.000 вработени граѓани со ниски примања, над 4 милиони евра за 81.000 млади граѓани, како и преку 900.000 евра за 4.000 здравствени работници.
За поддршка на најпогодениот сектор туризам и угостителство и за поддршка на граѓаните да искористат летен годишен одмор, преку мерката „Дома си е дома“, доделени се ваучери за туризам на 117.000 граѓани во висина од 12 милиони евра, како директна помош.
Вредноста на првите три пакети економски мерки, важни за поддршка на стопанството и граѓаните изнесуваше 550 милиони евра.
Почитувани,
Првите три сета мерки ги запреа сериозните удари од пандемијата како здравствено – општествена криза и спречија социјално-економски последици кои во вакви ситуации можат да бидат драматични и долгорочни.
Успешната стратегија за спречување на колапсот на здравствениот систем и на економијата и социјалната сигурност, создаде услови и за четвртиот пакет економски мерки. Новиот пакет има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.
Затоа, поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании.
Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се пензионерите и граѓаните од други категории, самохрани родители итн.
Четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.
(1) Како прва од пакетот четири, ја издвојувам мерката Поддршка за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември.
Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Обезбедуваме повеќе пари за поддршка на вработените, за стабилност на работните места.
Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал
Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.
Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.
(2) Следна мерка – Продолжуваме со платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности.
Овој пат платежни картички со износ од 6.000 денари ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наши сограѓани пензионери, невработените кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници.
Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а за што навремено и со право реагираа претставниците на студентите.
Плус поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.
Секако, ќе ги помагаме и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.
Со тоа, оваа мерка опфаќа на 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.
(3) Како трета мерка е зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1.
Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.
(4) Со четвртата мерка од новиот пакет се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија.
Овие поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.
(5) Петтата мерка го потврдува нашиот принцип дека никој нема да биде изоставен и таа предвидува – Поддршка со плати за туристичките водичи.
На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.
(6) За поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата, определивме мерка – Поврат на туристичката такса за 2019 година.
На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.
(7) Кога сме кај секторот туризам, со овој пакет ја носиме и мерката – Грантови за туристички агенции.
Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.
(8) Низ процесот на консултации со стопанските комори, стигнавме и до заклучок за мерката – Намалување и/или укинување на парафискалните давачки
Многу бргу, повторно во соработка со стопанските комори, ќе следува утврдување на листа од приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.
(9) Мерката број 9 е Грантови за ресторани за свадби – поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра.
Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година.
Овде ја отвораме опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а еден само за достава на храна.
(10) Со овој пакет е опфатена и мерката – Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница.
Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.
(11) Грантови се предвидени и за игротеки за деца.
За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра.
(12) Обезбедивме поддршка и за занаетчиите.
Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот.
Напоменувам дека на самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка на Северна Македонија.
(13) Во периодот на имплементација на четвртиот пакет ќе се активира и мерката – Државна кредитна гаранција.
Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.
(14) Од голема поддршка за компаниите ќе биде и мерката – Државна царинска гаранција.
Оваа мерка има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.
Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и увозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Северна Македонија.
(15) Како уште една мерка за олеснување на работењето на компаниите е – Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината.
(16) Во овој пакет ја продолжуваме мерката за Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината.
(17) Една од мерките која наиде на одобрување и ја прифатија многу компании беше и мерката – Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка.
Заради тоа ја вклучивме и во овој сет мерки и таа предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%.
(18) Ја продолжуваме и мерката Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци.
(19) Една од новите мерки е – Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%..
Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци.
За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година.
(20) За да ги олесниме финансиските обврски на компаниите ја носиме и мерката – Одложено плаќање на ДДВ-то.
Со оваа мерка ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.
(21) Една од мерките на овој пакет број 4 за справување со последиците од КОВИД-19 е – Бришењето на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценца за сметководители.
Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцата сметководителите.
(22) Во овие мерки е вклучено и Зголемување на периодот за покривање на загуби на терет на идни добивки.
Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години.
Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.
(23) Следната мерка која е од сферата на даночната политика е мерката – Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход.
Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување.
Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%.
Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.
(24) Во овој пакет е вклучена и мерката Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката (25) Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.
(26) Со мерката – Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали, се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.
Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.
(27) За мерката – Поддршка за развој на човечкиот капитал, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.
Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво.
Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.
(28) Со мерката – Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година, за која се предвидени 6.700.000 евра, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.
Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.
(29) За секторот игри на среќа е предвидена мерката – Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа.
Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за AR (ауто-рулет) маси и други маси.
(30) За да го олесниме работењето на општините во време на КОВИД-19, ја определивме мерката – Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со која при издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.
(31) И на крајот, во овој пакет мерки ќе го спроведеме Викендот без ДДВ.
Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.
Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ.
Почитувани граѓани на нашата земја,
Кога зборуваме за поддршка и помош за стопанството, односно компаниите погодени од кризата, како и за поддршката на земјоделството и другите дејности, пред нас ги имаме вработените во тие дејности. Нашите сограѓани кои секојдневно го вложуваат својот труд и на тој начин го помагаат не само развојот на компанијата, туку и економскиот развој на земјата.
Времето на криза е време на меѓусебна поддршка и грижа и насоченост на сите капацитети и на финансиските средства кон нашите граѓани.
Парите на граѓаните се за граѓаните.
Вредноста на 4-тиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.
Како и досега, креирањето на мерките од овој пакет беше направено максимално транспарентно и во целосно инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата.
Несебична беше асистенцијата што дојде и од поединци, експерти во одделни области од социо-економската и финансиска сфера.
Владата нема да запре тука со посветеноста во постојано дефинирање нови идеи и нови мерки за граѓаните. Најавувам дека веќе сме во процес на дефинирање нови интервенции за директна помош на различни целни групи во различни дејности. Постојано правиме пресметки и во периодот којшто следува ќе имаме нови вести за економски мерки – ова е кризна економија и постојано ќе бидеме на готовс да помагаме на граѓаните.
Напоменувам дека остануваме будни и во однос на здравствениот аспект на кризата. Тој аспект, е всушност, најбитен и затоа треба да бидеме постојано внимателни и будни.