Каракамишева: Пендаровски ќе го прекрши Уставот ако го даде мандатот за состав на Влада без конституирано Собрание и без утврдено мнозинство

Давањето мандат за состав на влада од страна на претседателот Стево Пендаровски без конституирано Собрание и без јасно утврдено мнозинство од пратеници кои доаѓаат од партија или партии во Собранието, како што бара член 90 од Уставот е кршење на Уставот на Македонија. Самата постапка за определување мандатар за состав на влада од страна на претседателот на Републиката е во тесна поврзаност со чинот на конституирањето на Собранието на начин како што е тоа предвидено во член 63 од Уставот, но и во согласност со глава 2 од Деловникот на Собранието на Македонија поточно согласно членовите 9 до 28.

КУРИР побара став од универзитетската професорка Тања Каракамишева, експерт во оваа област.

Професорката ни предочи дека во член 90 од Уставот се вели дека претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена од КОНСТИТУИРАЊЕТО на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

-Во нашата ситуација, ниту имаме конституирано Собрание, затоа што верификацијата на мандатите на пратениците не значи конституирано Собрание, а од друга страна ниту една партија односно партии немаат мнозинство во Собранието за да може претседателот на Републиката мандатот за состав на влада да го довери на некој кандидат поддржан од партијата, односно партиите. Ниту една партија нема апсолутно мнозинство од пратеници, или 61 пратеник за да нејзин кандидат го добие мандатот за составување влада. Не само што нема мнозинство туку власта и опозицијата настапуваат со идентичен број на пратеници кои ги поддржуваат 46:46. Да имаше СДСМ 61 пратеник поддршка до сега ќе се пристапеше кон избор на претседател на Собранието и ќе се тераше постапката за избор на влада согласно Уставот. Вака, бидејќи знаат дека го немаат потребното мнозинство, ги пуштаат “еминентните” експерти да им ги толкуваат уставните и деловничките одредби на начин како што им одговара а на штета на Уставот и правните прописи, истакна таа во изјава за КУРИР.

Изборот на претседател на Собранието, во компаративното уставно право на земјите во регионот и пошироко, е клучен елемент во постапката на конституирање на Собранието, но и во обезбедување уставна гаранција дека една партија или коалиција на партии го има обезбедено потребното апсолутно мнозинство за да може да се пристапи кон избор на влада.

-Според член 67 од Уставот на Македонија претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието каде што детално е уредена постапката за избор на влада. Собранието ја избира владата, седницата за избор на влада ја свикува претседателот на Собранието. Како и кој ќе ја свика седницата за избор на влада ако нема избран претседател на Собранието? Како ќе работат пратениците ако нема кој да ја организира работата на Собранието? Со верификацијата на мандатите на пратениците не се конституира Собранието, бидејќи тоа е практично нефункционално и обезглавено, не може ништо да работи без претседател на Собранието. Од друга страна, давање мандат за составување на влада на кандидат на партија која го нема потребното мнозинство, или уште попроблематично, во услови кога и едната и другата страна имаат изедначена поддршка, е политичко фаворизирање на претседателот на Републиката на една опција на сметка на друга што е во спротивност со Уставот и Деловникот на Собранието, порача професорката.

Извор: Курир.мк