По три недели пронајдено телото на Спасе Димовски кој при спасување на екипа на ЕВН исчезна
Пронајдено е телото на исчезнатиот Спасе Димовски, кого поројница го однесе во селото Белештевица. Телото е пронајдено во близина на вливот на Бабуна во Вардар, низводно од Велес. Член на потесното семејство потврди дека станува збор за Димовски, објавува СДК.
„На местото се блиски на семејството и според ланчето и раката, станува збор за Спасе“, изјави член на семејството Димовски.
Телото на Димовски било забележано претпладнево како плови по Вардар низ Велес, по што екипа за спасување и безбедност при општинскиот Црвен крст се дала во потрага со чамец на територијалната противпожарна единица.
„Откако со помош на риболовци кои ловеа во непосредна близина го лоциравме трупот, успеавме да го донесеме на брегот на Вардар. Телото го пронајдовме близу ‘Агриа‘ кај вливот на Бабуна во Вардар, го извадивме од реката, по шро дојдоа членови на семејството и го идентификуваа“, изјави Иле Попов, координатор на Тимот за одговор при катастрофи при Црвен крст Велес.
Спасе Димовски исчезна на 6 август околу 14:47 часот кај село Белештевица, Велешко, кога со неговиот трактор им помагал на екипи на ЕВН да се извлечат од кал. По телото се трагаше три седмици по течението на Вардар, од вливот на Пчиња, па до Ногаевци.
„Спасе беше тука секој пат кога беше потребен на ЕВН. Имаа од него телефонски број и кога ќе заглавеа, го бараа за помош, да ги извади од кал или снег. Така било и овој пат. Ги извлекол. Тие биле двајца со џипот и заедно со говедарот се качиле во џипот да се вратат. Минувајќи низ теренот, наишол потокот, кој бил огромен и ги однесол возилото и Спасе. Другите се спасиле“, раскажа член на семејството.