Во речиси 40 држави во текот на минатата недела беа евидентирани рекорден број на новозаразени во еден ден и тоа скоро двојно од седмицата претходно, што според анализата на Reuters покажува дека пандемијата ги зафатила сите светски региони.
Како што пренесува Хина, стапката на заразени не е зголемена само во државите како САД, Бразил и Индија, кои честопати се наведуваат како најпогодени, туку и во Австралија, Јапонија, Хонг Конг, Боливија, Судан, Етиопија, Бугарија, Белгија, Узбекистан и Израел, меѓу другите.
Многу држави, особено оние каде властите порано го олеснија мерките на физичка дистанца, имаат втор бран откако помина повеќе од еден месец од првиот бран.
– Нема да се вратиме во старата нормала. Пандемијата веќе го смени начинот на кој живееме, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус оваа недела.
– Ги повикуваме сите луѓе да ги третираат своите одлуки за тоа каде одат, што прават и со кого се среќаваат како одлуки за живот и смрт – затоа што тие се токму тоа, предупреди тој.
Податоците на Reuters собрани од официјални извештаи, покажуваат постојан пораст на бројот на земји кои пријавуваат рекордно дневно зголемување на бројот на заразени со коронавирусот. Најмалку седум држави пријавиле вакво зголемувања пред три недели, најмалку 23 земји пред две недели, најмалку 20 пред една недела, а најмалку 37 земји оваа недела.
Точниот број на новозаразени и починати не секогаш се пријавуваат, особено во земјите со лоша здравствена заштита, велат здравствените експерти. Зголемувањето на бројот на заразени обично претходи на зголемување на бројот на смртни случаи за неколку недели.
На врвот по бројот на заразени се САД, каде викендов во таа земја се надмина бројот од четири милиони дијагностицирани и повеќе од 1.000 смртни случаи веќе четврти ден по ред. Бразил и Индија – за кои епидемиолозите велат дека се на неколку месеци од врвот на епидемијата – надминаа милион случаи на заразени.
Податоците покажуваат се поголем број на повторен раст на случаи во земји низ сите региони.
Во Австралија, по повторното појавување на заразата, властите воведоа делумен шестнеделен карантин и задолжително носење заштитни маски за жителите на Мелбурн, вториот по големина град во земјата.
Австралија и Јапонија, кои исто така објавија дневен рекорд во бројот на заразени оваа недела, предупредуваат на зголемување на заразените меѓу младите луѓе, од кои многумина го прославија крајот на мерките во барови и на забави.
Во Мексико, каде исто така беше објавен дневен рекорд оваа недела и е четврта по бројот на починати во светот, официјалните лица предупредуваа дека трендот на намалување на случаите што започна во средината на јуни – период кога градот почна да ги олеснува мерките за физичко растојание – може да се сврти во обратна насока
Врз основа на стапката на хоспитализација минатата недела, градоначалниката на Сиудад де Мексико, Клаудија Шинбаум, рече дека бројот на хоспитализирани до октомври може да ги надмине бројките од јуни, кога пандемијата беше на својот врв. – Важно е да се разбере дека ако не го промениме трендот, растот ќе биде експоненцијален, предупреди таа.
Во Европа, каде сезоната на летни одмори е во полн ек, новото дневно рекордно зголемување на бројот на заразени во Шпанија веројатно ќе ги одврати туристите од посета на најпопуларните дестинации на континентот.
Во Африка, Кенија забележа рекордно дневно зголемување на бројот на заразени само две седмици откако беа олеснети мерките, вклучително и домашните патнички летови.
Кенискиот претседател Ухуру Кенијата, кој објави дека меѓународните летови ќе продолжат на 1 август, свика итен состанок на релевантните власти поради зголемувањето на бројот на заразени.
На Блискиот исток, Оман, откако соопшти за рекорден број случаи, во саботата воведе нови ограничувања освен двонеделниот карантин што ќе се совпадне со исламскиот празник на Курбан Бајрам.
Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека има рекордно зголемување на бројот на заболени од коронавирус на глобално ниво, затоа што во изминатите 24 часа биле регистрирани вкупно 284.196 нови случаи.
Најголемите зголемувања се забележани во САД, Бразил, Индија и Јужна Африка, се вели во извештајот на СЗО, пренесен од британските медиуми.
Претходниот рекорд по бројот на нови случаи беше поставен на 18 јули, кога беа регистрирани 259.848.
Бројот на смртни случаи за 24 часа е зголемен за 9.753, што е најголем број во еден ден по 30 април, кога беа регистрирани 9.797 смртни случаи.
Во текот на јули, просечната бројка на смртни случаи беше околу 5.000, додека во јуни беше околу 4.600.