Кога станува збор за илјадници луѓе, како што е членството на ВМРО-ДПМНЕ, непосредно гласање е метод кој најреално би ја отсликал вољата на гласачите при изборот на носителите на партиски функции, нешто што најблиску можеме да го идентификуваме со начинот на избор на референдум, претседателски, парламентарни и локални избори на државно ниво. Секој со можноста да одлучува на “избирачка кутија”.
1. Кој би гласал?
Целокупното членство.
Врз основа на партиската архива би се ажурирал конечен список на активните, неактивните, старите и новодојдените, односно ажурирање на членството во конечен список налик на избирачките списоци на Државната изборна комисија.
Не се исклучува веројатноста дека одреден број на членови нема да бидат во можност, или пак поради различни околности нема да бидат запишани во ажурираниот список, па потребно е да се најде посебен механизам како алатка со која таквите би го оствариле своето партиско гласачко право, задржувајќи ја правичноста како основно начело.
2. За кои позиции би се гласало?
Позициите кои би биле предмет на внатрепартиски избор се оние кои обединуваат одредена маса на луѓе која воедно сама по себе е целина, па оттука, двете најсуштински гранки се:
– претседателите на ОК-и, кои треба да се мнозински дел од Централниот комитет, кој претставува верификатор на предлозите и одлуките на партиските органи и тела,
- претседателот на партијата, како главен обединувач во партијата, главен двигател и креатор на партиската стратегија и политика.
- 3. Зошто на “кутија” наспроти именување од “централа”?
Изборот од страна на членството дава легитимитет.
Со непосредно гласање се избира личност која има најголем кредибилитет и за која се верува дека е најкомпетентна за извршување на правата и обврските кои се суштински во соодветниот делокруг и надлежност, истовремено потврдувајќи мнозинска поддршка на неспорен, правичен, слободен и демократски изборен процес.
Избраниот носител на функција кој мандатот го добива од членството добива поголема независност и самостојност во своето делување во централните органи, претставувајќи контролен механизам во Централниот комитет како “коректор во име на членството” во делот на носење одлуки на односните седници.
4. Дали членството би се “поделило” поради избор на кутија?
Членството би се обединило на непосредни избори.
Избор со мнозинство гласови би ја зацврснала довербата во рамки на партиската структура со оглед на фактот дека самото членство по сопствено убедување го прави конечниот избор позади кој би застанале сите заедно, од членовите избирачи, преку партиските органи до највисокото раководство.
5. Дали гласањето на членството е опасност за партијата од надворешни фактори?
Бројноста и меѓусебното познавање е фактор на “имунитет” од надворешни негативни влијанија кои се “сечат” во иста точка, а таа е влијание врз слободниот избор на гласачите, односно нивно манипулирање или присилување кон одреден избор, на што паралелно се дополнува и вметнување на трети лица како дел од членството.
Имено, имајќи ја предвид бројноста на гласачите, речиси невозможно е да се пристапи и влијае на секој член поединечно. Таквото претпоставено негативно влијание е многу поопасно кога е насочено кон помала група на луѓе, на пример 500, да не речеме најопасно и полесно ако е кон само еден човек.
Секое аргументирање дека би дошло до меѓусебни физички пресметки и поткуп во членството го сфаќам како лична и навреда кон целото членство. Ниту сме наивни, ниту плашливи…напротив!
Во очекување е вонреден конгрес од “втора страна” како резултат на неодржаниот, кој беше најавен, па така – едната страна чека да почне “конгресната година” и да го изгласа редовниот со делегати од новиот статут, а другата – во цајтнот да ја престигне првата со “термин” и со делегати од стариот конгрес.
Во даден момент ќе се “судрат двата конгреса” и резултатот на изборите од нив, па оттука “валидноста на печатите на вистинската страна” која ја претставува ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде во судска разрешница.
Реалноста е дека кој и да излезе “победник” во овој спор не го решава проблемот, а проблемот е во ставот – зошто ти да решаваш кога можам јас? Дополнително, едната страна секогаш ќе ја негира другата…претставувајќи се себе за вистинската…во недоглед.
Вистинскиот победник е оној кој ќе го даде изборот во рацете на членството, избор позади кој ќе застанеме сите. Тоа е вистинската победа за ВМРО-ДПМНЕ.
Ете затоа член – глас, за да се обединиме и да бидеме посилни, само така можеме да победуваме на избори!
Пишува за ZBOR.COM.MK Дејан Јовановски