Силјан Мицевски сведочеше во „Талир“, ама истиот ден доби и тендер од 6,4 милиони евра
Битолската градежна компанија „Пелистер“ доби тендер за ископ на јаглен и јаловина во кругот на РЕК Битола вреден 6,4 милиони евра од страна на АД ЕСМ, објавува Фактор.
Договорот е склучен на 4 септември, а доставен е до Бирото за јавни набавки и објавен беше вчера, односно на истиот ден кога сопственикот на градежната компанија Силјан Мицевски сведочеше во случајот „Талир“ во кој опиша како бил рекетиран од првите луѓе на поранешната владејачка партија откако ќе добиел тендер.
Пелистер го добива тендерот за ископ при две понуди, од кои едната од 105 денари и втората од 95,7 денари по килоџул енергија. Времетраењето на договорот е една година.
Претходно, компанијата на популарниот битолски бизнисмен постигна договор за ископување со РЕК Битола во мај минатата година и истиот вредеше 776 милиони денари. Претходниот редовен беше во јули 2018 и вредеше 377 милиони денари.
Гласот на Мицевски се споменуваше и во „бомбите“ на Зоран Заев објавувани во 2015, а во тој период Центар за граѓански комуникации истражуваше дека Пелистер успеал да постигна договори со АД ЕСМ за ископ на јаглен од околу 100 милиони евра за пет години, од кои рекордниот изнесувал 53 милиони евра.