ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги доведе граѓаните до питачки стап, ама затоа неговите бизниси цутат

Зоран Заев и СДСМ донесоа сиромаштија на граѓаните, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

-Секој ден над стотина граѓани остануваат на улица, а Заев вели дека Република Македонија има стабилна економија. Додека граѓаните осиромашуваат и не знаат како да ги платат даноците, Заев заедно со неговите министри се луксузира. Шекеринска во министерството за одбрана купува колачи и вафли, а 40.000 луѓе ново невработени немаат за леб. Економијата во државата доживеа колапс. Според извештаите земјата во вториот квартал од 2020 година, бележи нето одлив на странски директни инвестиции во износ од над 9 милиони евра. Приходите во буџетот се за 14 % помали од лани, јавниот долг за три години е над 5 милијарди евра, нема раст на 5-7 % годишно, туку пад во индустријата, градежништвото, трговијата, пораст на сивата економија и повеќе корупција, потенцираат од партијата.

Во партиското соопштение стои и дека згора на сето тоа владата предводена од СДСМ зададе и нов удар на граѓаните, им ја покачи струјата за 7.5%. Власта на Заев воведе второ поскапување на акцизата на горивата од 3 денари по литар, ја задолжи и државата за дополнителни 1 милијарда евра за само три месеци.

-Државата тоне поради Зоран Заев. Зоран Заев ги доведе граѓаните до питачки стап, ама затоа неговите бизниси цутат, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.