ТРИ ДЕЦА ЗАДРЖАНИ ВО БОЛНИЦА: Деца и возрасни со коморбидитети најбројни пациенти со симптоми на труење во Гостивар
Министерот за здравство Сашо Клековски, денес, ја посети Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар и направи увид во состојбата на пациентите на детскиот и инфективниот оддел, при што им посака брзо закрепнување и разговараше со раководството и здравствените работници на болницата, како и со претставници на Центарот за јавно здравје.
Во последните 24 часа се примени 260 лица, од кои 100 на детскиот оддел и 160 на инфективниот оддел. Во моментот на посетата имаше 7 пациенти на детскиот оддел и 20 пациенти на инфективниот оддел.
Првите случаи во болницата се регистрирани на 13 јули, во доцните ноќни часови, иако се можни претходни индивидуални случаи. Вкупниот број надминува илјада пациенти, а претпоставениот врв е во последните два дена.
Сите пациенти имаат стомачни проблеми (дијареја, повраќање), некои со треска (температура) и со дехидратација. Се третираат со инфузии (за дехидратација) и симптоматски, а најголемиот дел се упатуваат на домашно лекување.
-Три деца се задржани на набљудување. Пациентите се од сите возрасни групи, најмногу деца и возрасни со коморбидитети. Повеќето се од Гостивар, но и од околните населени места Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште и др. Истражувања вршат Институтот за јавно здравје (по барање на Јавното обвинителство), Центарот за јавно здравје и болницата. Се истражуваат примероци на вода, лабораториски крвни анализи и копрокултура. Примероците на вода се испитуваат хемиско-физички (вкл. тешки метали), бактериолошки и паразитолошки. Другите анализи се фокусираат на бактерии и вируси. Досега се земени само 18 епидемиолошки анкети, а недоволно копрокултури, информира Министерството за здравство.
Министерот истакна дека за соодветна истрага неопходни се многу повеќе. Рече дека ја разбира состојбата на пациентите, но апелираше на соработка со епидемиолозите.
Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот. Другите опции треба да ги потврдат епидемиолозите.
Здравствените власти ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор. Дел од информациите се во надлежност на Јавното обвинителство.
Comments are closed.