Манасиевски до Кузеска: Ширите лаги и манипулации насочени за Реформската агенда, Македонија е лидер во испорачување на реформите

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, преку објава на социјалните мрежи ги отфрли обвинувањата на СДС во врска со Реформската агенда и Изборниот законик, оценувајќи дека станува збор за „лаги и манипулации“.

Манасиевски наведува дека еврокомесарката за проширување Марта Кос, при посетата на Македонија, ја пофалила работата на Владата и истакнала дека државата успешно реализирала девет од десетте клучни реформи од Реформската агенда, додавајќи дека рокот за нивно исполнување бил 30 јуни.

Тој посочува дека Марта Кос и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, повикале на политички консензус за носење на нов Изборен законик.

Според Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги прифати договорите што ќе ги постигнат политичките партии за изборните правила, доколку се овозможи гласање на дијаспората по електронски пат или по пошта, почнувајќи од претседателските избори во 2029 година.

Манасиевски тврди дека причината за недонесувањето на Изборниот законик не се изборните правила, туку, како што наведува, намерата на СДС, Левица и ДУИ по следните избори да се повикуваат на стариот закон како оправдување за евентуален изборен пораз.

Во објавата тој оценува дека токму поради недонесувањето на Изборниот законик Македонија има реализирано девет, наместо десет реформи од Реформската агенда.

Манасиевски додава дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот опозицијата да постигне договор за Изборниот законик и да се овозможи дијаспората полесно да го остварува своето уставно загарантирано право на глас. Според него, доколку државата влезе во следниот изборен циклус со постојниот Изборен законик, одговорноста ќе биде кај СДС, Левица и ДУИ.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK