Филм, театар и музика вечерва на Скопско лето
Вечерва, 17 јули, ќе се одржат три настана на програмата на 47. издание на фестивалот Скопско лето.
Во Кинотека на Македонија, со проекцијата на филмот „Барајќи си ја среќата“ во режија на Марија Џиџева во 20:15 часот завршува овогодишната „Кинотека на Скопско лето“, чиј фокус е македонскиот филм. Билетите за проекцијата се достапни на karti.com.mk.
Со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар Лабораториум ќе се одигра театарска претстава „Сина сенка“ на Независниот театар Златен елец, а во режија на Тамара Стојановска.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстојуваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина.
Билетите се достапни на karti.com.mk.
Во Парк на Франкофонијата во 20:30 часот, во соработка со Амбасадата на Казахстан, ќе се одржи вечер на традиционална музика и танц од Казахстан под наслов „Звуците на Големата Степа“.

Овој настан претставува уникатна вечер посветена на богатото културно наследство на Казахстан преку настапите на етно-групата „Tarlans“ и кореографскиот ансамбл „Ayala“. Публиката ќе има можност да ужива во автентични звуци на традиционални казахстански инструменти, современи етно-аранжмани и впечатливи кореографии инспирирани од духот на Големата Степа. Настанот претставува спој на музика, танц и традиција што ја доближува казахстанската култура до македонската публика.
Влезот е слободен.
Comments are closed.