Тошковски за случајот на врсничко насилство во Скопје: Кривични пријави за насилство за децата и нивните родители
МВР за овој како и за сите останати случаи ги презеде сите оние дејствија коишто се во рамки на негова надлежност, односно најпрвин постапи во насока на разговор со жртвата и нејзиниот родител, потоа беа повикани сите инволвирани во случајот, како оние што имаат преземено директно насилство врз жртвата, така и оние што беа сведоци на настанот, како и за оние кои го документираа, односно го снимаа настанот. Тие дечиња беа повикани и нивните родители. Беше известен јавен обвинител, беше утврдено од страна на надлежен лекар констатирани здравствени прегледи на жртвата и во текот на денешниот ден, во консултација со надлежен јавен обвинител за дел од тие што присуствувале на самиот настан ќе бидат поднесени кривични пријави против оној што исполнува законски услови за истото, но и против родителите, изјави мнистерот на внатрешни работи, Панче Тошковски денеска од Струмица каде во Секторот за внатрешни работи присутвуваше на промовирање на „Простории уредени за разговор со деца кои се во судир со законот“.
Според него, станува збор за кривична пријава насилство која ќе биде поднесена и воедно „малтретирање и запуштање на малолетно лице“.
-Со тоа ние ќе си ја срабатиме работата како МВР, како што сме ја сработиле и во рамки на другите случаи во минатото, но очигледно она кое го работи Министерството не е доволно, односно понатаму треба да постапи Јавното обвинителство и Судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите да бидат запознати сите оние кои во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следи санкција, дека за нивните родители ќе се следи санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип на грозоморно насилство коешто македонскиот народ и македонските граѓани имаа прилика да го посведочат во текот на вчерашниот ден, истакна Тошковски.
Додаде дека во разговори и континуирани чекори во насока на превенирање во повеќе наврати имал разговарано со министерката за образование, Јаневска и имале поставено платформа во иднина да се фокусираат на овој на тип насилство.
-Врсничкото насилство бара широк, меѓуинтитуционален одговор. На оваа тема имавме една трибина пред две недели на која учествуваа не само претставници од МВР, Министерство за образование, туку и министерот за демографија и млади беше на таа трибина, невладиниот сектор беше на таа трибина и тогаш утврдивме еден патоказ врз основа на кој би требало да се делува максимално во делот на превенцијата. Но, нема да дозволиме како држава да ни се случува секојдневно во рамки на парковите, училниците, дворовите и така натаму. Навистина, мора да имаме еден силен меѓуинтитуционален одговор, но и судот и обвинителството треба да си ја преземат својата улога во рамки на постапувањето, да изречат праведни и правични одлуки коишто освен од репресивен карактер. Ќе делуваат соодветно и од превентивен карактер. Така што сметам дека тоа треба еден од фокусите во иднина на сите институции кои имаа било каква врска со овој тип на активности, подвлече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
На новинарско прашање дали смета дека е потребна измена на законската регулатива за поголема одговорност на родителите, Тошковски рече дека секое прашање кое дополнително би требало да го зајакне институционалниот одговор во иднина заслужува внимание, така што и тоа ќе биде предмет на анализа во наредниот период доколку особено експертите и професорите од фелата ја потврдат таквата потреба секако дека како инстутуција ќе одговорат позитивно.
На друго новинарско прашање дали се размислува за повторно враќање на позорникарите или „маалските полицајци“ министерот одговори дека се преземаат мерки за што е можно поголемо присуство на полицијата на терен.
-Но, сепак вработени во МВР се 11.650 вкупно и тие не можат да ја покријат територијата на Македонија во секое едно место кадешто имаме присуство на граѓани. Но, пак ќе повторна работиме максимално на зајакнување на капацитетите и пруството на полицијата на терен. Со денешниве технологии многу е тешко да се скрие насилство, особено насилство што е сторено на јавен простор. Институционалниот одговор којшто треба да го даде МВР гледаме во континуитет дека го дава. Дали треба да ги јакнеме капацитетите? Треба. Дали треба во иднина да го зголемиме бројот на камери што би ги имале низ градовите во Македонија? Треба. Дали работиме на тоа? Да, работиме. Така што посветени сме на соодветен одговор, но овие предизвици навистина не се така лесни и не се така мали. Ќе сториме се што е потребно, особено за да може да си ги заштитиме дечињата и безбедноста на најранливата категорија којашто ја имаме во нашето општество, рече Тошковски.
Посочи дека еден од чекорите кои се прават во таа насока е токму тоа што се прави со помош на Шведската амбасада и со помош на ОБСЕ, просторија која е клучна во рамките на овој институционален одговор којшто сакаат да го имаат на посоодветно ниво, на повисоко професионалнио ниво.
Според министерот клучно во овој проекет не е тоа што се направиле повеќе вакви простории на територијата на Македонија, туку клучна ќе биде обуката на полициските службеници и менувањето на фокусот во иднина кој би требало да биде институционален одговор на најранливите категории на максимално професионално ниво и максимална заштита кон жртвите.
Comments are closed.