Меморандум меѓу КИНСИВ и МВР, размена на информации, техничка поддршка и оперативна координација

Комитетот за истрага на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството (КИНСИВ) и Министерството за внатрешни работи со меморандум за соработка денеска дефинираа рамка за размена на информации, техничка поддршка и оперативна координација, особено во случаи што бараат паралелно постапување – безбедносно истражување на местото на настанот и судско-истражни активности на надлежните органи.

На тој начин, информира КИНСИВ, се осигурува дека истражните постапки ќе се спроведуваат во согласност со меѓународните стандарди на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) и домашното законодавство, со јасно разграничување на надлежностите

Меморандумот го потпишаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски.

Од КИНСИВ велат дека документот претставува значаен чекор кон унапредување на координацијата и институционалната соработка меѓу двете тела во областа на безбедноста и истражувањето на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Со меморандумот се отвораат можности за заеднички обуки, споделување техничка експертиза и навремена размена на релевантни податоци за унапредување на воздухопловната безбедност во државава.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK