Се истражуваат уште пет смртни случаи на повозрасни жени кои можеби се дело на серискиот убиец од кумановско
Уште пет смртни случаи на повозрасни жени и еден обид за убиство се ипитуваат од истражните органи за да се види дали се дело на серискиот убиец во кумановско Старо Нагоричане, за кого засега има сериозни индиции дека извршил најмалку две убиства и еден физички напад врз постара жена во кумановското село Челопек, објави Телма, повикувајќи се на извори блиски на истрагата.
Извори од истрагата рекле дека имаат сигурни докази дека 25-годишниот Т.Б. од село Драгоманце е извршител на убиството на 78-годишната М.С од Старо Нагоричане. Се совпаднале ДНК анализите кои биле пронајдени на лице место, со неговите примероци. Други детали не се откриваат, како ни тоа дали е утврдено дали тој ги силувал жртвите.
Мештаните на терен раскажуваа дека неколку жени биле пронајдени мртви во своите домови и биле полуголи, а една од нападнатите која преживеала, тврдеше дека се обидел и да ја силува. Обвинителството се посомнева за уште еден случај на почината помлада жена во нејзиниот дом, па нејзиното тело беше откопано и дадено на обдукција. Од обвинителството официјално велат дека се земаат огромен број докази за да се расчистат сите настани.
„Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следи негова психијатриска проценка од тим на експерти. До овој момент вештиот наод од извршената обдукција на ексхумираното тело не е доставен до јавниот обвинител. Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите“, соопштуваат од Основно јавно обвинителство Куманово.

Comments are closed.