Гордана Димитриеска Кочоска – Секогаш кога СДСМ е на власт пропаѓаат банки
Секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и имаме изневерени штедачи. Секогаш кога СДСМ раководи со буџетот имаме скандали и корупција поврзана со финансиското работење, рече на денешната прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Државава во својата триесет годишна историја зад себе има неколку големи банки кои пропаднаа и сите за време на владите на СДСМ или гувернери на НБРМ поставени од СДСМ, како што е пропаста на Алмако банка, ТАТ, Експорт Импорт банка, Македонска банка, Радо Банка, Југо банка, штедилниците ТАТ, Алфа С, Лавци. А во оваа неславна статистика од пред два дена се впишува и Еуростандард банка. Со овој најнов случај се продолжува праксата на измамени штедачи, пропаднати бизниси и удари врз финансиските текови. Сопственикот на банката Еуростандар кажа дека било побарано од НБРМ воведување администрација, можност која ја дава Законот за банки и членот 135, односно банките со проблематични пласмани да бидат директно контролирани од НБРМ со цел да ја пребродат кризата. Таквиот план според изјава на сопствеништвото на банката бил одбиен од НБРМ, со што уште повеќе се зголемуваат сомнежите дека зад пропаѓањето на банката има скриени бизнис мотиви и на тоа се работело подолг период. Со ова се забрзало пропаѓањето на банката. Се поставува прашањето на Комитетот за финансиска стабилност за Еуростандард банка, Комитет во кој заедно учествуваат гувернерката на НБРМ и министерката за финансии. Значи бил попречен предлогот за продажба на банката и за воведување на администрација, истакна Димитриеска Кочоска.
Пропаѓањето на Еуростандард банка, вториот ТАТ е поради скриени бизнис интереси на одредени структури. Одговорот на оваа дилема седи и во тоа кој предвреме ги извадил и повлекол парите од банката и кои компании блиски до власта најчесто соработувале со оваа банка, додава таа.