Јаневска: Дуалното образование ја зголеми вработливоста на младите, го надградуваме со поддршка на Швајцарската амбасада
Концептот на дуално образование го создава потребниот, добро подготвен кадар за потребите на стопанството и со тоа го намалува јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на човечки капитал. Заедно со нашите партнери, овој концепт на образование ќе продолжиме да го спроведуваме и надградуваме, во рамки на проектот „Образование за вработување“ кој пак, овозможи обединување на енергијата и заедничко креирање ефективни образовни политики.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска при денешната посета на компанијата „Ронтис“ во Велес, каде заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман, извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев и со проектниот тим лидер, Курт Вутрих извршија увид во спроведувањето на практичната настава директно на работно место за учениците од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“.
Има многу компании кои се вклучени во дуалното образование и следат високи стандард за едукација и грижа кон учениците, односно над 550 во оваа учебна година. Организираат практична настава за речиси 4000 ученици од дуалните паралелки во 62 средни стручни училишта“, рече Јаневска, додавајќи дека ова се добри бројки, до кои е дојдено со многу труд на Министерството за образование и наука и голема поддршка од швајцарската амбасада, Делегацијата на ЕУ, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и самите училишта.
Министерката изрази очекувања дека соработката помеѓу сите кои досега се грижеа за унапредување и промоција на средното стручно образование ќе продолжи, не само преку проектот „Образование за вработување“, туку и воопшто низ сите канали кои даваат ефект, додавајќи дека очекува наскоро да се донесе и новиот Закон за стручно образование и обука, кој е во собраниска процедура и со кој всушност системски ќе се уреди концептот на дуално образование.
Како министерка преземам и конкретна иницијатива за оваа соработка да продолжи, па така веќе министерството испрати допис до општините и средните стручни училишта кои во координација со компаниите треба да достават информации за реалните потреби од одреден кадар, за да можеме соодветно да ги планираме и квотите за упис на ученици во средно образование во конкурсот за следната учебна година“, додаде Јаневска.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.