111 години од поделбата на Македонија со потпишување на Букурешкиот мировен договор

Букурешки договор е потпишан на 10 август 1913 г. помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна.

Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 км2 го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 км2 и бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 км2 во западниот дел.

На 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.

Помеѓу делегатите присутни на тој погубен ден за Македонија, немало претставници од Македонија, присутни биле само делегати на Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора и Романија.

Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија и провинција на балканските земји.

Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија.

Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на турските поседи во Европа. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.

Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што не ги потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните интереси. Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, чии претставници, од повеќе асоцијации, особено од Русија и Швајцарија, интервенирале да се зачува идентитетот на македонскиот народ и единството и целината на македонската територија.

Граници на Македонија по Букурешкиот договор

Територијата на Македонија во рамките на Отоманското Царство до Балканските војни го претставувала централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа се граничела на север со Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак и Рила. Западните граници се протегале преку планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд, на југ по реката Бистрица до Егејското Море и на исток до сливот на реката Места. Во рамките на овие географски граници, Македонија зафаќала површина од 67.741,2 км2.

Со Букурешкиот мировен договор, Македонија била поделена на овој начин:

– Егејскиот дел, со површина од 34.356 км2 го окупирала Грција,

– Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го окупирала Србија,

– Пиринскиот дел со 6.798 км2 ја окупирала Бугарија и

– Јужниот брег од Охридското Езеро – Мала Преспа со 1.115 км2 и биле доделени на Албанија.

Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, Атина го анектира Егејскиот дел на Македонија

На 31 октомври 1912 година, со декрет на грчкиот крал Горгиос Први, Владата во Атина, за првпат во својата историја, воспостави времена управа на окупираните територии во Македонија. Оттогаш, Владата во Атина започнува континуиран и систематски процес на етничко чистење, егзодуси и геноцид врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Масакрирани се илјадници македонци, запалени се стотици села и илјадници куќи, забранет е македонскиот јазик, илјадници Македонци се интернирани по островите и насилно протерани од Грција, запалени се и уништени стотици македонски православни цркви.

Со Нејската конвенција од 27 ноември 1919 година меѓу Атина и Софија, Грција насилно ги протера Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Бугарија. Со Лозанската конвенција од 30 јануари 1923 година меѓу Атина и Анкара, Грција насилно ги протера Македонците муслимани од Егејскиот дел на Македонија во Турција. Од Турција и Мала Азија, Атина во Грција доселува околу 800.000 инородно население, од кои 612.000 во Егејскиот дел на Македонија на имотите на насилно протераните Македонци.