Државниот врв се подготвува за прослава на Илинден – Мицкоски во Крушево, Сиљановска-Давкова во Пелинце и „Прохор Пчински“, Гаши во Скопје

Во чест на Денот на Републиката, делегации на Владата, Собранието и на Претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености

Празнувањето на Илинден годинава е под слоганот „Борбата трае“ со што, како што велат од Владата, сакаат да ја пренесат пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци.

Во чест на Денот на Републиката, делегации на Владата, Собранието и на Претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.

Премиерот Христијан Мицкоски, утре, одбележувањето на Илинден ќе го почне со положување на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот „Слива“, како и на Мечкин Камен каде во 13:30 часот ќе го има своето обраќање.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пак, утре прво ќе биде во Пелинце каде што во 10 часот ќе положи свежо цвеќе пред меморијалниот центар АСНОМ по што ќе има обраќање, а ќе ја посети и спомен-собата во Меморијалниот центар.

Во рамки на чествувањето на Пелинце ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Од таму Сиљановска-Давкова ќе замине за манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде ќе биде пречекана од нејзиниот српски колега Александар Вучиќ.

Во 12 часот претседателката ќе положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Со Сиљановска-Давкова во делегацијата што ќе биде во „Свети Прохор Пчински“ се и потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и митрополитот кумановско-осоговски Григориј.

Заедничката посета по повод чествувањето на Илинден, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, е во духот на добрососедските односи и продлабочување на пријателските врски на двата народи.

Делегации од кабинетот на претседателот, утре ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, пред споменикот на Никола Карев пред Собранието и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“.

Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, пред споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен.

Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Потоа Гаши ќе има обраќање на манифестацијата што по овој повод ќе се одржи пред зградата на Собранието.

Денеска со низа свечености во Крушево почна чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.