Мицкоски: Укинувањето на Балансерот е препорака од ЕУ
Европската Унија е таа која препорачува да се укине балансерот, алатката која одредува вработување државни службеници по етничка припадност, изјави денеска мандатарот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали ќе се прекине со употреба на таа можност. Тој потсети дека препораката на ЕУ е следствено на скрининг процесот којшто е веќе направен.
– И ако тие велат дека треба да се укине, тогаш што ни преостанува тоа. Не ни преостанува ништо друго освен да работиме согласно препораките коишто доаѓаат од самата ЕУ. Тоа е резултат од скрининг процесот, рече Мицкоски, додавајќи дека земјава треба да напредува согласно компетенции, а не според пол, етничка или верска припадност.
На новинарско прашање, пак, дали од коалицијата „Вреди“ добил позитивно мислење за поставување на министерот од ДПСМ Иван Стоиљковиќ, повтори дека вчера се произнесол по тоа прашање, при доставувањето на предлогот и програмата за состав на Влада во Собранието, не сака да се дефокусира јавноста од вистинските теми.
– Вистинските теми се како да отвориме повеќе вакви фабрики како да ги вратиме младите. Како идна Влада треба да работиме да ги полниме овие фабрики и да ги вратиме тие млади луѓе овде во Македонија, тука да ги градат своите семејства. Ајде сите заедно да работиме на иднината, да не се враќаме на анахрони, шовинистички националистички теми. Знам дека има такви политичари кои тоа го мотивираат, но тие се поразени од народот повеќе од 600 000 граѓани гласаа за оваа коaлиција. Дебатата продолжува во Парламентот и тоа што имав да кажам јас го кажав уште во текот на вчерашниот ден започна, истакна Мицоски, кој беше на одбележувањето на почетокот на работата на вториот производствен погон на фабриката Киел Македонија во ТИРЗ Тетово.
Тој сè уште не знае кои се имињата на замениците министрите во Владата, бидејќи, вели, ниту истите се поднесени ниту, истите се повлечени.
– Сè уште траат консултациите помеѓу коалициските партнери. Пракса е три до четири недели откако ќе биде изгласана Владата, да се изгласаат и замениците министри, рече тој.
На новинарско прашањем, Мицкоски кажа дека идната Влада има намера да гради добрососедски односи со сите соседи во регионот, Грција, Србија, Косово, Албанија, подеднакво, на ниво на рамноправност
– Планираме да се ориентираме само кон проблемите коишто се наша домашна задача. Сакаме граѓаните да ги направиме среќни, Македонија да биде државата која ќе биде мајка за сите граѓани без разлика на етничката припадност бидејќи ова е наша татковина, сите тука сме се родиле. Тука сме се радувале, тука сме тагувале и очекуваме сите подеднакво да се грижиме за развојот на нашата заедничка татковина Македонија подеднакво без разликата на нашата етничка припадност, посочи Мицкоски.