Бесмира да се врати дома, на Забрчанец и компанија да не им се даде лапанажа
Во последен момент, неколку дена пред заминување од функцијата министер за надворешни работи, Бујар Османи сепак направи дипломатка од поранешната телевизиска презентерка Бесмира Ејупи.
Бесмира ќе оди во Бон, во Германија. По итна постапка ќе добие и дипломатски пасош, за уште утре да се појави на новото работно место. Внимавајте, постапката за добивање дипломатски пасош трае најмалку 15 дена. Ама Бесмира својот пасош ќе го добие буквално преку ноќ.
Претходно, по острите реакции во јавноста, Бујар Османи не успеа да ја направи конзулка во Њујорк. Но, тоа беше кога тој и ДУИ сè уште се надеваа дека ќе бидат дел од новата власт. Сега, откако тоа не им успеа, им преостанува да ги исполнат претходно преземените обврски кон некои лица, да подметнат некое кукавичко јајце во гнездото на ВМРО-ДПМНЕ и Влен и ако е можно, уште сега жестоко да ја бомбардираат новата, уште неизбрана влада, со скандали.
Какво „европско“ поведени! Каков морал! Каков сенс за стратегија и за „големата слика“!
Патем речено, Бујар Османи, човек кон кого негував симпатии и како кон модерен политичар, само со една ваква скандалозна постапка се брука како никој и фрла во вода сè што зборуваше во последните години – за Европа, за правата на Албанците, за соживотот, за принципите во политиката …
Каков тажен финиш на една политичка кариера!
Но, за политиката, исто како и за зајрето од кое се прават колбасите, изгледа сепак не треба многу да се морализира. Очигледно е дека има некои многу посилни, веројатно лукративни мотиви, кои ги тераат луѓето до последен здив и без скрупули да ја бијат битката за пари и за други привилегии што ги носи корумпираната власт.
Ете, на речиси ист начин, повеќе од експресно, за само една недела, универзитетот на Рамиз Мерко добил лиценца за отворање на факултет за здравствени науки. Барањето за утврдување на исполнетоста на условите за работа било испратено на 3 јуни, а позитивното решение стасало на 11 јуни.
Кај ќе ни беше крајот нашата администрација да беше олку ефикасна во сите случаи!
Но, еден е Рамиз Мерко. Една е ДУИ. Една е мајка …
И така, за Мерко – медицински студии!
И уште еднаш – за Мерко медицински студии!
Но и тоа не е сè!
Владата на затворена седница одлучила да даде предлог покрај 36-те избрани државни функционери (пратеници), на кои им следува апанажа, во следните 12 месеца на државна цицка да се закачат и досегашните национални координатори Нора Исмајловска Старова, Марјан Забрчанец и Роберт Поповски, како и шефот на кабинетот на Димитар Ковачевски, Мартин Попов.
И овој предлог е доставен во последен момент, бидејќи рокот за поднесување барање за апанажа истекува на 28 јуни.
А што се тоа „национални координатори“? Ништо посебно. Тоа се луѓе на кои им се измислени некакви функции со долги и звучни имиња, за да цицаат пари од државниот буџет без грижа на совеста. За нашата совест станува збор. Со чесни исклучоци, тие своја немаат. Тие се партиски крлежи.
Не ми е јасно како некој не се сетил и Бранко Тричковски да го именува за „национален координатор“. За нешто. За штогоде. За убивање на ВМРО и на Македонија, на пример. Додуша, со оглед на неговиот отпор кон сè што е национално, можел да биде именуван за „анационален координатор“. Со плата од 2.000 евра. А не да се брука за хонорар од 400 евра, кој сега, ете, му бил укинат.
Погледнете како Марјан Забрчанец, на пример, се преместил од лева на десна државна цицка. Прво бил „Секретар за комуникации и јавни политики во рамки на канцеларијата на претседателот на Владата на Северна Македонија“, за потоа да биде именуван за „Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи“.
Па, па, па!
Е сега, незгодата е што спомнатите лица немаат законско право на лапанажа, бидејќи не се избрани, туку – именувани функционери. А тоа не е исто.
Не би сакал да ми прејде во навика на новата влада, која ќе биде избрана до 22 јуни, однапред да ѝ давам обврски. Иако веќе се осмелив да кажам дека првата задача на новата влада ќе биде да се стави вон сила решението на министерот за образование во заминување, со кое се одобрени медицинските студии на Мерко.
Сепак, уште еднаш ќе се повикам на очекувањата на избирачите кои ги изгласаа промените и пак ќе кажам дека владата на Христијан Мицкоски не смее да си дозволи да ги квачи кукавичките јајца што во последните моменти ѝ ги подметнуваат „европските“ министри на „европската“ влада на Димитар Ковачевски.
Бесмира Ејупи мора да биде вратена во Македонија, а дипломатскиот пасош да ѝ биде одземен.
А Забрчанец и компанија не смеат да добијат лапанажа. Другарчињата се млади и способни, ќе си најдат друга работа. Овој пат можеби чесна.
Извор: Плусинфо