Мицкоски до Ковачевски: Немаш право да зборуваш за режим, затоа што ако било тоа, тогаш ти му аплаудираше и се восхитуваше и тоа го видовме при отворање на МНТ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање пред присутните граѓани на народниот митинг во Струмица, меѓу другото, кажа неколку збора и за претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски кој, како што рече, вината за големиот пораз и дебакл на изборите на 24 април ја бара секаде, само не во себе и во своите луѓе.
Тој секаде и во сите ја бара вината за својот пораз и дебакл само не во себе си и своите луѓе. Многу погрешно потсетува на некои минати времиња, вика и се надвикува на полупразни митинзи дека ќе се врател режимот и не знам уште што. Па сакам да му одговорам. Тој може да се навраќа и за тоа што било пред 10 или 15 години, за тоа што било и пред 50 и сто години, но народот е незадоволен и револтиран затоа што сега лошо живее и затоа што нема пари да си плати сметки за струја, затоа што животниот стандард е уништен“, изјави Мицкоски.
Во однос на тоа што Ковачевски го нарекува режим, Мицкоски го потсети на снимките од времето на отворањето на новата зграда на МНТ, каде што тој аплаудираше и се восхитуваше на тоа.
А, што се однесува до тоа што тој го нарекува режим, мислам дека нема право да зборува, затоа што ако тоа било режим, тогаш тој му аплаудираше на тоа и се восхитуваше на тоа, што и впрочем го видовме на снимките при отворање на МНТ во Скопје пред петнаесетина години. Па токму тој е измеќар на ДУИ, партијата која беше соучесник во сите влади овие 20 години. Како ДУИ не е режим и како таа соработка не му пречеше? Но, Димитар доаѓа време кога треба да се стави крај на таквата лицемерна политика, а тој крај е 8 мај кога народот масовно и во голем број ќе излезе на избори и ќе каже доста е“, порача Мицкоски.