Четворица вооружени мажи мирно поминале покрај детекторите за метал во концертната сала Крокус, испукувајќи кратки рафали од автоматско оружје во близина на луѓето кои врескале и паѓале како покосени. Жена сведок, по име Наталија, во моментот на нападот го соблекувала својот капут пред влезот на салата каде требало да настапи рок бенд од советскиот период.
„Пукотниците ни дојдоа од зад грб“, изјавила таа за Ројтерс, додавајќи дека звуците личеле како петарди или огномет. Таа ги слушнала истрелите блиску до себе и почнала да бега во обид да го спаси својот живот. Таа без капут стигнала до блиската метро станица.
Агенцијата Ројтерс го реконструира настанот врз основа на изјави и снимки, како и докази од местото на настанот и медиумски статии.
Во овој настан се убиени 133 лица, од кои 3 деца. Уапсени се 11 терористи, четворица кои биле во концертната сала и уште седум вмешани во нападот.
Според сведоците, напаѓачите носеле маскирна облека и непробојни елеци. Пукале веднаш од главниот влез на салата кон секој кој им се нашол на патот. Во страв, некои од присутните успеале со голи раце да ги скршат двојните стакла и да бегаат во обид да се спасат.
Напаѓачите од ходникот се упатиле кон главната сала, каде многу од посетителите мислеле дека се работи за специјални ефекти од концертот. Но, кога сфатиле дека луѓе околу нив паѓаат како покосени од автоматско оружје, секој се обидувал да се спаси.
Некои од посетителите се обиделе да бегаат, други да се скријат, а некои дури и да ги заштитат луѓето покрај себе.
Потоа, напаѓачите истуриле запалива течност и подметнале пожар.
Спасувачите наоѓале тела на групи пријатели, цели семејства, но најпотресна слика биле токму мајките кои со својата прегратка се обиделе да ги спасат своите деца, но не успеале во тоа.