Во групата за Палчо, нови морбидни коментари за МВР: Ги чекам да ме најдат, двајца сме со кандило, еден со лопата

Секојдневно се полни со објави групата „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“, а исто толку време МВР не го најде лицето кое му се закани на министерот Оливер Спасовски преку монтирана фотографија.

Во меѓувреме, објавувачот кој стои зад профилот „Ѓоре Ајтов“ ја предизвика полицијата да стигне до него ако може. МВР пак, не одговара на прашањата дали напреднале во истрагата за неговото откривање. Во групата, од истиот профил, нов морбиден коментар.

„Ги чекам да ме најдат! Да им помогнам околу барањето, тројца сме, двајца со кандило и еден со лопата“, пишува профилот во коментар на објава во групата.

МВР кажа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Оттогаш, не споделуваат никакви детали дали има напредок во истрагата. Од МВР сеуште не одговараат дали е лоцирано лицето.

Во овој случај, МВР може да постапува бидејќи коментарот може да се смета за говор на омраза. Доколку се лоцира лицето, тоа подлежи и на кривична одговорност. Групата за поддршка за Палчо е и извор на заговори, во кои се посочува дека тој е невин и дека системот се обидува да го наместо за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За неа, МВР кажа дека не може да превенира бидејќи нема никаква улога во фирмирањето на фејсбук групи.