На денешен ден: Миле Поп Јорданов се самоуби за да не падне жив во рацете на непријателот

Беше македонски револуционер и просветен деец, учесник во македонското револуционерно движење, член, секретар и војвода на ТМОРО, брат на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов – Орцето.

На денешен ден во 1902-ра година, во Велес, се самоубил Миле Поп Јорданов.

Во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно бил поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот, животот си го одзема македонски револуционер и учител.

Роден бил во Велес, во 1878 година.

Беше македонски револуционер и просветен деец, учесник во македонското револуционерно движење, член, секретар и војвода на ТМОРО, брат на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов – Орцето.

Во негова чест е испеана познатата народна песна Болен ми лежи Миле Поп Јорданов, која денес е и официјална химна на градот Велес.

Во текот на 1902 година се разболува и се враќа со тројца другари од својата чета во Велес за да закрепне. Но не успева во тоа затоа што е наклеветен. Кога му пренесуваат дека е предаден со тројцата другари ноќта низ велешките темни сокаци се обидува да го напушти градот Велес. Со тројцата другари го минат дрвениот мост на реката Вардар за да се упатат кон правец на Штип, но кај општинското училиште имало поставено турски аскер при што дошло до жестока престрелка.

Во таквите околности Поп Јорданов наредува тројцата другари да се повлекуваат и тој почнува сам да пука накај војската сè додека има муниција. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, во велешкото маало Јурија си го става револверот на слепоочницата и си го одзема животот.

Турскиот командант наредил телото на мртвиот војвода да се истакне на улиците на Велес и тие што ќе го препознаат мртвиот да се заробат, сите кој минеле биле со наведнати глави и молчеле иако знаеле кој е убиениот.

Единствено сестрата на Миле не успеала да дотрае и вриснала на целиот глас кога го видела телото на својот брат.