Случај ЈОУГД ,,Детска радост” Гевгелија: Политиката и ќеифот пред доброто на децата
До нашата редакција пристигна писмо од група загрижени родители чии деца се жртви на самоволието и неразумноста на директорката на установата, Бети Стоименова.
Имено, таа е кадар на СДСМ и ги спроведува политиките на своите ментори, без ни трошка разбирање за најмладите, најмилите, за децата. Од вршење мобинг на вработените, преку прераспределба на негувателки на други работни места, само затоа што не се поддржувачи на нејзината матична партија.
Како што е случај со многу општини во Република Македонија, кога се одземаат ингеренциите на градоначалниците од опозицијата само затоа што не се поставуваат на раководни места некадарни кадри на СДСМ, така е и во општина Гевгелија. На градоначалникот Андон Сарамандов му се одземени ингеренциите за градинката ,,Детска радост”, па сега Бети Стоименова триумфално „пали и гаси“ во установата ЈОУГД ,,Детска радост”.
Ја прашуваме министерката Јованка Тренчевска, овака ли се грижите за децата? За вработените? Или ако не е „ваше“, тогаш е „неподобно“?
Во продолжение, писмото од загрижените родители:
Добар ден!
Ние сме загрижени родители од Гевгелија, кои сакаме да ве замолиме да го преиспитате самоволието на директорката на ДГ ,,Детска радост” во Гевгелија. Директорката е активист на СДСМ. Имено, се работи за нашите најмили, децата.
Децата чии родители не се активни во СДСМ т.е. се декларирани во друга партија , се распоредуваат во најдалечните детски установи. Исто така директорката на ДГ ,,Детска радост” прави мобинг на вработените во градинките кои се декларирани од друга партија, а тоа најмногу влијае на нашите деца. Најмногу сме изреволтирани од промената на стручните негувателки со несоодветен кадар. Ова е веќе неиздржливо. Како е возможно преку најмалите да спроведуваат таква политика? Кој им го дал тоа право? Ние како загрижени родители со сигурност можеме да кажеме дека за многу деца оваа е траума. Ги носиме децата во градинка, а тие плачат, си ја бараат негувателката. Има ли поболно да си го слушаш плачот на сопственото дете? Зошто? Затоа што некој си прави политика и ќеиф!
Затоа ги замолуваме сите служби, инспекции да преземаат мерки, додека не е доцна.