СДС, Левица и ДУИ не сакаат Македонија да има целосен реформски успех, затоа здружено ја користат секоја можност да блокираат

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДС, Левица и ДУИ свесно ги блокираат реформските процеси во државата со цел, како што наведуваат, да спречат нови успеси на Македонија и да извлечат политичка корист.

Во партиското соопштение се посочува дека тоа, според нив, најдобро се покажало при носењето на измените на Изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека опозициските партии учествувале во подготовката на законските измени, дека нивните забелешки биле прифатени и вградени во текстот, но на крајот го блокирале неговото усвојување.

Според владејачката партија, ваквиот потег покажува дека за СДС, Левица и ДУИ не е приоритет исполнувањето на реформските обврски, туку политичкиот профит од, како што наведуваат, создадениот застој.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и покрај блокадите, реформските процеси ќе продолжат и дека Владата ќе остане посветена на реализацијата на реформската агенда.

Во соопштението се наведува и дека граѓаните, според партијата, ја препознаваат разликата меѓу политиките на власта и опозицијата, при што ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тоа се потврдува и преку анкетите за јавното мислење и довербата што, како што велат, ја уживаат нивните политики.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK