„Обнова“ ја победи „Можеме“ во Скопје со над 1.600 гласови
На ниво на територијата на Град Скопје, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 79.630 гласови, додека коалицијата „Можеме“ ја добила довербата на 77.970 гласачи. Како резултат на ова, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ сепак успеала да добие 1.660 гласови повеќе на територијата на главниот град. Опозициската коалиција „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе гласови во општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел и Ѓорче Петров
Во споредба со парламентарните избори што се одржаа во декември 2016 година, одѕивот во скопските општини е опаднат најмногу споредено со останатите делови од земјава. Во речиси сите скопски општини одѕивот е намален за 20 отсто на изборите одржани на 15 јули во споредба со изборите од 2016 година. Податоците на ДИК покажуваат најголемо намалување во општина Аеродром (-26,72 отсто), по што следуваат Карпош (-25,29 отсто), Центар (-24,51 отсто), Кисела Вода (-24,32 отсто), Ѓорче Петров (-24,18 отсто), Гази Баба (-22,74 отсто), Бутел (-22,24 отсто), Шуто Оризари (-15,67 отсто), Чаир (-15,05 отсто) и Сарај (-7,32 отсто).
Од скопските приградски општини кои не влегуваат под територијата на Град Скопје, коалицијата „Можеме“ освоила повеќе гласови од „Обнова на Македонија“ во општините Чучер Сандево, Студеничани и Арачиново, додека опозициската коалиција победила во Сопиште, Зелениково, Илинден и Петровец.
Мал одѕив на гласачите во главниот град на одржаните парламентарни избори на 15 јули, како и тесна изборна трка меѓу двата главни конкуренти – коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволство од работата на политичките партии или страв од можноста за ширење на ковид-19? Овие прашања се поставуваат по објавувањето на конечните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) за одржаното гласање на територијата на Градот Скопје, кои покажуваат најголемо изненадување кај бројот на гласачи што го искористиле своето право на глас.