Грабеж: Фирма која продава струја: 215 милиони евра приход, СО ЕДЕН ВРАБОТЕН И ПЛАТА ОД 4.000 ЕВРА!
Трговијата со струја е профитабилен бизнис, во кој платите се далеку натпросечни, но таму обично има по еден или по неколку вработени, на кои покрај платите им остануваат и нето-профитите.
Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, истражуваше кои трговски фирми со струја земаат најголеми плати. Податоците покажуваат дека најголемата месечна нето-плата минатата година била околу 5.000 евра.
На крајот од 2021 година, кога цената на електричната енергија експлодира, дел од трговските фирми со струја еднострано почнаа да им ги откажуваат договорите на компаниите, затоа што тие не можеа да набават струја по цена ни приближно иста од договорената. Во недостиг на електрична енергија, кога се нарушија купопродажните односи, државната МЕПСО без најава повлече струја од европската електрична мрежа, со што направи милионски долг.
Револтирани од Владата излегоа и со изјава дека трговците ќе мора да го платат долгот што непредвидено го направи МЕПСО. Но, потоа долговите се крпеа со помош од Владата.
Петте трговски фирми што минатата година успеаја да заработат најголеми плати имаат раст на платите во однос на 2021 година, четири од нив имаат раст на приходот и три имаат раст на добивката.
ТОП 5 трговски фирми со струја по плати во 2022 година:
Најголема месечна нето-плата минатата година земал единствениот вработен во Данске Комодитис ДООЕЛ – Скопје. Неговата плата е околу 5.000 евра, а лани компанијата направила приход од над 320.000 евра, што ѝ донело добивка од над 8.200 евра.
Данске Комодитис е создадена во 2004 година кога еден млад дански банкар и претприемач видел потенцијал во зближувањето на поделените национални енергетски пазари преку меѓународната трговија. По успешната траекторија на раст, компанијата беше купена од енергетскиот гигант Equinor во 2019 година. Компанијата тргува со електрична енергија, со гас и со сертификати.
ЕТМТ Енерџи, како што пишуваше Пари, е трета по приход енергетска компанија и е во сопственост на компанијата Енер Трејд од Албанија. Таа лани направила над 215 милиони евра приход и добивка од 15 милиони евра. И овде има еден вработен, со плата од околу 4.000 евра, односно 265.123 денари месечен нето-приход.
Каква е врската помеѓу ЕЛЕМ/ЕСМ, албанската државна енергетска компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје (омилен купец на вишоците на струја на ЕЛЕМ/ЕСМ) и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД? Имено, ЕСМ/ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септември, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 2000 MWh.
ЕТМТ Енерџи компанијата која ги купила вишоците на струја кои ги продава АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ од 12 до 17 јануари 2023 година, и тоа по цена од 109 евра за мегават час се продадени 1.440 мегаватчасови, додека пак по цена од 98 евра 540 мегаватчасови.
Тоа е истата фирмата која во 2022 година најмногу купувала вишоци на струја кои ги продава ЕСМ, а според документацијата достапна на интернет страницата на АД ЕСМ, продажба на вишок струја се вршела речиси во сите месеци на 2022 година освен јануари и април, но оваа година продажба има и во јануари .
Фирмата, според податоците на Централниот регистар, била формирана во март 2021, а нејзин сопственик е Енер Траде ШПК од главниот град на Албанија, Тирана. Регулаторната комисија за енергетика на 27 мај, два месеци по нејзиното основање, и издала лиценца на ЕТМТ Енерџи за вршење на енергетска дејност, трговија со електрична енергија.
Енер Траде како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со Артур Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од фирмата и кој е директор на форумот на млади на социјалистичката партија на Еди Рама.
Лиценцираниот трговец Енерџи Фајненсинг Тим ДООЕЛ – Скопје, за која порталите пишуваа дека е капитал на лица од Струмица, има еден вработен, со месечна нето-плата од 151.925 денари. Ланскиот приход е речиси 100 милиони евра, а добивката е околу само 880.000 евра.
Во У-Повер ДООЕЛ – Скопје има 6 вработени со просечна плата по 102.064 денари. Компанијата лани не остварила добивка, а имала приход од околу 375.000 евра. У-повер на крајот од 2021 година еднострано го раскина договорот на повеќе свои корисници, меѓу кои и на Царината и на Град Скопје.
ГЕН-И Продажба на енергија ДООЕЛ – Скопје е уште една компанија, како и ЕТМТ Енерџи, што ја споменавме во ТОП 5 енергетски компании по приход.
Ова компанија е на второто место по приход и е веднаш зад ЕВН Хоме, кој е универзален снабдувач со струја и ги снабдува домаќинствата и фирмите и институциите што се на регулираниот пазар. Така, ГЕН-И практично е најголемиот трговец со струја на отворениот пазар. Неговите минатогодишни приходи биле 330 милиони евра, но добивката била „само“ 360.000 евра. Компанијата има тројца вработени со просечна нето-плата од по 98.391 денар