Независниот синдикат на здравствените работници испрати пет барања до Владата и МЗ, ако не се зголемат платите најавуваат протести
Независниот синдикат на здравствените работници испрати пет барања до претседателот на Владата и до Министерството за здравство. Меѓу петте барања се и зголемување на платите за 30 отсто, а ако надлежните не одговорат, тие најавуваат протести.
Според Независниот синдикат, вработените во овој сектор во здравство се доведени до амбис. Затоа, ако не им се исполнат барањата тие ќе излезат на протест да ги побараат правата за нормален живот.
Почетна плата на здравствен работник, медицински лаборант, медицинска сестра со средно образование, физиотерапевт е 20.700 денари, со работен стаж може да стигне максимум до 25.000 денари, додека највисоката плата на специјалистите е 45.000 денари.
Првото барање е покачување на платите за 30 отсто. Второто барање се однесува на промена на Колективниот договор во здравствениот систем, бенефициран работен стаж на сите вработени во медицинската итна помош, бенифициран стаж во рендген институтите и рендген одделенијата во здравствените установи како и бенифициран стаж за вработените во психијатриските болници.
Четвртото барање е додатокот за инфекција да се зголеми од 1% на 4%, а петтото се однесува на инта трансформација на работниот однос кон младите вработени во здравствените установи од определено на неопределено време.
Секојдневно слушаме дека здравствените работници ја напуштаат државата. Моментално во здравствените установи има млади лица кои работаат за 20.000 денари, осум часа и перфектно си ги извршуваат своите работни задачи. Тие млади луѓе ја земаат само платата, немаат ни пензиско, ни здравствено осигурување, а во текот на годината може да имаат само 7 дена одмор“, велат од Независниот синдикат.
Тие се во контакт со сите независни организации во здравствениот сектор и со репрезентативниот синдикат на здравство.
Независниот синдикат на здравствените работници пред повеќе од еден месец имал средба со министерот за информатичко општество и администрација. Но, по средбата тие немаат никаков одговор.Тие се револтирани дека во други сектори биле зголемени платите, но не и во нивниот сектор. Од Синдикатот повикуваат на масовност на протестот на 20 септември.
Ние се бориме за подобар и пристоен живот, не сакаме да се случи колпас во здравството, затоа ни е потребна поддршка. Во здравствниот сектор од 2007 година немаме земено к-15, зарем овие луѓе не го заслужуваат тоа? велат од Независниот синдикат на здравствените работници.