На 61 година почина Милан Завков, врвен хармоникаш и првенец на „Танец“

Со голема тага и во неверување ви ја пренесуваме жалната вест дека ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Танец и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков, соопштија од матичниот ансамбл.

Завков започнува да свири хармоника од 8- годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот “Млад Танец” со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

Но, без разлика на видот на дипломата, Милан Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот “Октет МАКЕДОНИЈА“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група “Македонски мерак” остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.