Целосно реконструиран Одделот за трауматологија во „Св. Наум Охридски“, инвестицијата изнесува 230.000 евра
Заврши целосната реконструкција на Одделот за трауматологија во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, позната како Стара градска болница.
Станува збор за последниот поголем оддел во клиниката кој досега не бил реконструиран, а според раководството на установата, во просториите немало посериозна интервенција од 1962 година.
Во рамките на реконструкцијата целосно се заменети електричната, водоводната и канализациската инсталација, системот за парно греење и подовите. Поставени се и автоматски сензорски врати, кои треба да придонесат за намалување на преносот на интрахоспиталните инфекции.
Градежните активности чинеле околу 200.000 евра и биле финансирани од буџетот на болницата. Дополнителни 30.000 евра биле обезбедени преку спонзорства од општествено одговорни компании за набавка на нови кревети, сталаци за инфузија и друг болнички мебел.
Одделот располага со 26 кревети, колку што имал и претходно. На него работат девет хирурзи-трауматолози, а во текот на една година се изведуваат околу 1.100 оперативни интервенции.
Од раководството на болницата посочија дека состојбата со медицинскиот кадар е подобрена, но дека медицинските сестри и помошниот технички персонал и натаму се од особено значење за негата на пациентите по извршените операции.
За време на настанот беа соопштени и информации за повредените во силното невреме што го зафати Скопје.
Во Клиниката „Св. Наум Охридски“ лекарска помош побарале вкупно 22 пациенти, од кои двајца биле задржани на болничко лекување. Еден од нив бил опериран во текот на ноќта поради скршеница на шаката.
Вториот хоспитализиран пациент е странски државјанин, турист кој бил повреден при пад на дрво. Тој се здобил со повреди во пределот на карлицата, но неговата состојба не барала оперативен третман.
Comments are closed.