Муцунски: Отворена е нова детска градинка во Аеродром со капацитет за згрижување на 200 деца
Новоизградениот објект „Црвенкапа“ во рамките на детската градинка „Срничка“ денеска официјално беше пуштен во употреба во Општина Аеродром. На настанот свое присуство и обраќање имаа министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и директорката на градинката, Александра Јелиќ – Исаиловска.
Станува збор за објект кој се наоѓа во населбата Стар Аеродром, уреден со мотиви од македонскиот бренд „Светот на Биби“, на површина од 1.700 квадратни метри, опремен со осум занимални и најсовремени услови за згрижување на 200 дечиња.
Градоначалникот Муцунски најавувајќи ги новите објекти за згрижување на деца кои во 2023 година ќе започнат да се градат во општина Аеродром потенцираше дека објектот кој денес се отвора е резултат на работата на претходните градоначалници на општината која имаат придонес во проектирањето, финансирањето и почетокот на изградбата на објектот.
„Нема нешто позначајно од вложувањето во најмладите. Се радувам што после долг период го решаваме проблемот за згрижување на децата од овој дел од Аеродром и со тоа реализираме еден важен проект за граѓаните. Јас како градоначалник и ние како Општина останува посветениме и понатаму во решавањето на предизвикот со недостатокот на места во детски градинки и токму оваа посветеност и заложба ќе биде проектирани во буџетот за 2023 година во кој предвидуваме еден вид инвестицски фокус на проектите за социјална грижа и едукација на најмладите“, истакна градоначалникот Муцунски.