Јаневски: Намерно ЈСП и Арсовска не го исплаќаа долгот на приватните превозници, за да може градот да го раскине договорот и да распише нов повик
Најпрво сакам да поставам две прашања до секретарот на градот да одговори, бидејќи тој изјави дека не можеле моментално да ни достават информација на писмено заради тоа што во ЈСП се правело ревизија, кој ја прави таа ревизија, дали е внатрешна ревизија, дали е надворешна ревизија и второ зошто уште кога пред два месеци побаравме информација тогаш немаше нели ревизија, зошто уште тогаш не ни се достави информацијата која што ја баравме за состојбите во ЈСП, вели Филип Јаневски советник во советот на Град Скопје од Глас за Македонија, коалиција на ВМРО-ДПМНЕ за Обнова на Македонија.
Јаневски ги демантираше изјавите на заменик градоначалникот Александар Трајановски кој изјави дека сакаат да воведат нов концепт на јавен превоз, нагласувајќи дека во тој нов концепт мора да се вклучени сите засегнати страни, како и дека намерно не е исплаќан долгот на приватните превозници за да може Град Скопје да го раскине договорот со приватните превозници бидејќи согласно член од договорот градот може да го раскине договорот доколку три дена последователно приватните превозници не го опслужуваат градот со јавен превоз.
Околу останатите работи кои беа кажани на оваа говорница, беше кажано од заменик градоначалникот дека сакале да го сменат целиот концепт на јавниот превоз дека сакале да нема стари автобуси кои што немаат соодветни стандарди и Скопје да престане да биде град каде што јавниот превоз ќе го опслужуваат и приватни превозници. Меѓутоа тие да сакале тоа искрено да го направат, ќе го направеле на следниот начин, ќе најавеле дека ќе има реформа во јавниот превоз, ќе најавеле дека ќе има нов јавен повик со нови услови, со нов договор кој што ќе биде потпишан со приватните превозници, ќе разговарале со сите засегнати страни и ќе дојделе до заедничко прифатливо решение. Од август не е исплаќан долгот кон приватните превозници и намерно е направено тоа за приватните превозници да бидат приморани да штрајкуваат, за да се повикуваат од Градот Скопје на членот од договорот каде што влеат дека приватните превозници мораат да го опслужуваат јавниот превоз и ако не го прават тоа повеќе од три дена последователно ќе им биде раскинат договор. Се принудени да не го прават тоа и градот им го раскинува договорот. Ако навистина се сакало да се направи подобрување на градскиот превоз, нов и модерен концепт како што го нарекуваат, тогаш ќе имаме заеднички концепт осмислен од сите, и сите засегнати страни ќе бидат вклучени, рече тој.
Но ние сега имаме јавен повик за само две автобуски линии и се бараат околу 40 автобуси. Што правиме ако оние приватни превозници кои се пријават на тој јавен повик имаат автобуси кои не се според најсовремените еколошки стандарди. Ќе ги одбиете, ќе го поништете јавниот повик за да најдете други, што ќе се случи тогаш бидејќи велите дека сакате нови автобуси, праша Јаневски.
Јаневски додаде дека барале информација за да ја утврдат фактичката состојба во сообраќајното претпријатие бидејќи од градот како што рече тој не знаат каде тераат бидејќи еднаш велат дека нема долг, друг ден велат дека има долг ама дека сакаат да се испитаат неправилностите, а сето тоа го трпат скопјани.
Уште од почетокот на овој проблем со приватните превозници и градскиот превоз вие велите дека нема долг кон приватните превозници, за само десет дена директорот на ЈСП во изјава за медиуми да каже долг постои, но ние преку ревизија ќе видиме дали имало некои неправилности во неговото пресметување. Е сега дали постои или не? И од таму е нашето барање за информација, да отидеме во ЈСП, а впрочем и директорот не покани на увид во целата документација за да ја утврдиме целата фактичка состојба бидејќи едно зборите денес, друго зборите утре, и не знаете каде терате, а сето тоа го трпиме ние граѓаните, нагласи Јаневски.