Ѓорче Петров: Извесна Ивана во име на Општината и градоначалникот јаде и пие по ресторани

Општина Ѓорче Петров денеска информира дека извесна Ивана во име на општината и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалоци, наводно за општината и градоначалникот.

-Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура. Преземени се дејствија од страна на Општина Ѓорче Петров во однос на прибирање на сите докази и пријавување на случајот до надлежните органи, велат од општината.

Локалната власт го осудува овој чин на измама и истовремено информира дека општината нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги.

-Целосно се оградуваме од постапките на лицето и апелираме до угостителските објекти да не подлегнуваат на измамата. Доколку се соочат со истата бараме да бидеме веднаш известени на контакт бројот во Општина Ѓорче Петров, 02 20/44-411, или на [email protected], како и да го пријават случајот во полиција, потенцираат од општината.