Максим Димитриевски: СДСМ веќе не е партија, туку приватна фирма

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во летното издание „Click21“ на ТВ21 посочи дека СДСМ повеќе не е партија, туку приватна фирма.

„Сеуште се чувствувам социјалдемократ, но за жал не сум во таа партија поради тоа што донесоа едногласна одлука и ме исклучија од партијата. Не заврши постапката но тие си донесоа одлука бидејќи тоа не е партија, тоа е приватна фирма. Функционира како акционерско друштво, ги држат позициите“ – рече Димитриевски.

Тој изјави дека поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ, Зоран Заев го прошетал сегашниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски неколку пати по странство, а потоа го ставил за претседател на партијата.

„Како да биде сменето кога едниот го доведе другиот, го прошета 2-3 пати по странство на конференции, се правеа пародии со него и на крајот го ставија на местото каде што е“ – вели Димитриевски.

Димитриевски вели дека очекувал многу од Ковачевски, но партијата сега „пукала“ од сите страни.

„Оваа АД СДСМ првично ги брка оние кои победуваат, а ги чува оние кои никогаш немаат победено.

„Поделбите во општеството ги прави политиката. Имате случај во Македонија, владеат три политички партии во континуитет.

Димитриевски посочи дека интригите ги уништуваат политичките партии. СДСМ како партија во која израснал од 17 години, па се до пред неколку месеци била државотворна партија, но сега е целосно под контрола на мала група на луѓе кои ги држат своите позиции.

„СДСМ беше партија со над 200 илјади членови, денеска се сведе да не може да организира 20 автобуси, Зошто е така тоа? – праша Димитриевски.

„Не е точно дека ќе го рушам СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја срушам власта, а СДСМ еден ден ќе се дигне и ќе биде државотворна партија. Онаа соработка што се импутира од страна на некои провладини медиуми дека всушност Максим Димитриевски соработува со ВМРО-ДПМНЕ е апсолутна невистина. ВМРО и јас официјална коалиција немаме потпишано. Ние имаме официјална коалиција во албанскиот електорат. Таа импутација не поминува“ – вели Димитриевски.