Мицкоски: Тоа што Владата не прифаќа единство за преговорите со Бугарија, јасно говори дека повеќе сака да ѝ удоволи на официјална Софија отколку на македонскиот народ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод празникот Тодорова сабота беше во посета на Свети Николе каде што имаше и изјава за медиумите.

Запрашан за тоа до каде се преговорите со Бугарија, Мицкоски одговори дека тоа е процес кој е приватизиран од страна на Владата и имајќи во предвид тоа што не го прифаќаат единството и декларацијата на која повика ВМРО-ДПМНЕ, очигледно е дека сакаат да ѝ удоволат на Бугарија, а не на македонскиот народ. 

„Немам информации. Генерално Владата е таа која што го приватизираше овој процес. Немаме никакви информации за ново дополнително отстапување или нови дополнителни предавства кои се подготвуваат. Ние во неколку наврати ги повикувавме на писмени гаранции, ги повикувавме на единство, ги повикувавме на декларации, но очигледно повеќе сакаат да удоволат на официјална Софија отколку на македонскиот народ, на македонската држава и на македонските граѓани“, потенцираше Мицкоски.