Финансиска полиција со кривична пријава против сопственик на фирма за даночно затајување од над 60.000 ЕВРА
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против управител и сопственик на правно лице и против самото правно лице поради сомнение за даночно затајување. Според наводите, во периодот 2024-2025 година не бил пријавен и платен законскиот надоместок за отпад од увезен текстил во износ од 3.852.067 денари, со што бил оштетен Буџетот на државата.
Како што соопштуваа од Управата, првопријавениот Т.Д., во својство на управител на второпријавеното правно лице, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правното лице, во периодот 2024–2025 година, постапувајќи спротивно на членовите 23 и 54 од Законот за управување со дополнителни текови на отпад, за увезениот текстил од страна на второпријавеното правно лице не пријавил и не платил надоместок за отпад кон Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, во вкупен износ од 3.852.067 денари.
– Со цел да го прикрие непријавувањето и неплаќањето на законскиот надоместок, првопријавениот на 17.04.2026 година покренал постапка за ликвидација на второпријавеното правно лице пред Централниот регистар на Република Македонија – велат од Управата.
Оттаму дополнуваат дека со наведените дејствија, пријавените го оштетиле Буџетот на РепубликаМакедонија за вкупен износ од 3.852.067 денари.
Comments are closed.