Органите на СДСМ ќе расправаат идната недела дали ќе ја избркаат Цаци заради учество во Иницијативата 12.05!

Органите и телата на СДСМ следната недела ќе дискутираат за учеството на пратеничката од оваа партија Славјанка Петровска на настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој одгововараше на новинарско прашање дали ќе бара одговорност од пратеничката поради нејзиното учество во платформата и дали можеби ја прашал од што е незадоволна во Социјалдемократскиот сојуз.

– Во однос на конкретното прашање ќе одговорам конкретно, органите на партијата ќе дебатираат во текот на следната недела – рече Филипче.

Славјанка Петровска во средата беше дел од членовите на СДСМ од разни генерации, активисти, аналитичари, правници и професори, на кој беше промовирана иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, чија цел е подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.

Претходно, одговарајќи на прашање, Филипче оцени дека платформата претставува уште еден политички проект на Христијан Мицкоски, кој од СДСМ го нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, чија единствена цел, како што кажа, е дополнително да се фрагментира опозицијата и да се ослабне СДСМ.

На забелешка на новинарите дека станува збор за лица, меѓу кои и новинари и аналитичари, кои важат за жестоки критичари на актуелната власт и прашан зошто смета дека премиерот Мицкоски успеал да им влијае на тие луѓе, како и дали сите што не мислат како него и партијата се непријатели, Филипче рече дека тоа апсолутно не е така и оти е отворен за каква било дебата и дискусија, но во рамките на партијата. Луѓето кои биле на тој настан и седеле на таа маса, рече Филипче, единствено нешто што може да направат е да го ослабнат СДСМ.

Лидерот на СДСМ додаде дека како партија сега се целосно фокусирани на зајакнување на „Фронтот за вистина и правда“.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK